Ориганото не е само зачин што се користи во кулинарството, ова мало зелено растение со векови служи во медицински цели. Неговата употреба опфаќа од ублажување на настинка и кашлица до поддршка на варењето на храната и здравјето на кожата.
Ориганото е богато со антиоксиданси кои ги штитат нашите клетки од оксидативен стрес и го забавуваат процесот на стареење. Споевите како карвакрол и тимол придонесуваат во здравјето на кожата, очите, срцето и на мозокот, помагајќи да се чувствувате поенергично и повитално.
Етеричното масло од оригано е познато по моќното антибактериско дејство. Научните истражувања ја потврдуваат неговата ефикасност против различни бактерии, вклучувајќи ја и ешерихија коли. Дури и сувото оригано содржи активни супстанции кои го јакнат имунитетот и го штитат дигестивниот тракт.
Ориганото поседува антифламаторни својства. Неговото етерично масло особено е ефикасно при хронични воспаленија поврзани со артритис, алергии, па дури и со Алцхајмерова болест. Локалната примена на екстрактот од оригано може да ги ублажи акните, псоријазата, убодот од инсекти.
Исто така, ова растение го олеснува варењето така што ги отпушта мускулите на дигестивниот тракт и помага во одржување на рамнотежата меѓу добрите и лошите бактерии во цревата. Може да помогне при рефлукс, иритација на желудникот.
Докажано е дека растителните антимикроби од ориганото можат да бидат еднакво ефикасни како антибиотици во борбата против СИБО (Синдром на прекумерен раст на бактериската флора на цревата).
Истражувањата покажуваат дека етеричното масло од оригано може да го забави ширењето на вируси и да ја зголеми отпорноста на организмот во сезоната на настинки и на грипови.
Помага и во намалување на лошото ниво на холестерол, со што ризикот од срцеви болести се намалува. Карвакролот, неговата клучна состојка, ги штити крвните садови и ја подобрува циркулацијата.












