ЧЕТИРИ ДЕНА ПРЕД ГЛАСАЊЕТО ВО ВТОРИОТ КРУГ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ КОМБИНАТОРИКИТЕ ВО ПОЛН ЕК: Партиски мобилизации – решавачката битка за секој глас на 33 фронта!

Партиските функционери и нивните кандидати деновиве одат по општините, населбите и селата за кои проценуваат дека може да им дојдат дополнителни гласови со цел да ја надоместат разликата од првиот круг или уште повеќе да ја потврдат предноста. Со таквото „позиционирање“, се чини, веќе е завршено во редовите на владејачката коалиција во односите и меѓусебната поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ околу гласањето во Кичево, Тетово, Струга, Дебар... Најголеми дилеми се појавуваат околу тоа каде ќе завршат гласовите кои во првиот круг ги добиле кандидатите на Левица. Во Лозово, опозицискиот кандидат на СДСМ доби поддршка од противкандидатот од првиот круг од редовите на ТМРО, партија од владина коалиција

416

Секој глас е важен, оти и еден повеќе носи изборна градоначалничка победа на гласањето в недела на вториот круг на локалните избори во 33 општини и Градот Скопје. Во тоа име, партиските функционери и нивните кандидати деновиве одат по општините и населбите, по селата, посебно во оние за кои проценуваат дека може да им дојдат дополнителни гласови со цел да ја надоместат тесната разлика од првиот круг или уште повеќе да ја потврдат предноста. Истовремено, се водат меѓупартиски преговори и се прават договори за тоа чии членови и симпатизери за кого да гласаат. Прва адреса се партнерите во коалициите, а потоа кандидати кои на изборите учествувале како независни, а на крајот, како што се покажува, се прават договори и со оние партии и кандидати кои биле на „другата“ изборна стана. Практично, три дена пред гласањето в недела се создаваат партиски фронтови за решавачката битка за секој глас на граѓаните.

Со таквото „позиционирање“, се чини веќе е завршено во редовите на владејачката коалиција, посебно кога се работи за односите и меѓусебната поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“. Откако предизвика миникриза во односите со премиерот Христијан Мицкоски со повикот за „етничко гласање за поддршка на Албанецот Фатмир Дехари од ДУИ во Кичево“ еден од лидерите на „Вреди“ и актуелен кандидат за градоначалник на Тетово, Билал Касами, завчера ретерира од таквите изјави. Во телевизиско интервју тој кажа дека Дехари ја нема неговата поддршка во трката со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски. Познато е, Јовановски со освоените 11.682 гласа има значителна предност во однос на Дехари, кој има 5.586 гласови, но се води битка за гласовите на отпаднатите кандидати, Фатмир Лимани од „Вреди“ – 4.164 и од независниот Шкодран Алили со 4.006 гласови.

– Знаејќи за тоа што го направи Дехари, односно што не направи за Кичево, знаејќи го тоа што излезе како прислушкување за неговото минато од аспект на моралот или неговиот неморал, не можеме да застанеме зад него само затоа што е Албанец. И покрај фактот што ние би поддржале кандидат Албанец, бидејќи сметаме дека би бил подобар кандидат за сите граѓани, во овој случај на Кичево, не можеме да застанеме зад еден кандидат кој ДУИ од моментот кога го извади, го извади за да го изгуби Кичево – изјави во интервјуто Касами.

Запрашан дали ги омекнал ставовите за Кичево откако имал средба со премиерот Мицкоски, Касами рече:

– Прво, не сметам дека имаше дисциплинирање. Напротив, ние треба да го имаме предвид контекстот, местото и медиумот во кој беше дадена една таква изјава и самиот контекст во кој отпосле беше пренесена, како изјава што после целосно ја извади од суштинската идеја, кога беше дадена како таква знаејќи дека нашите опоненти се обидоа на максимум овие избори да ја отворат етничката карта. И целата таа изјава, која беше, би рекол, искрена што се однесува на целата ситуација, беше политички погрешно интерпретирана – објасни Касами.

Ретерирање на Билал Касами

Ова, но и претходното соопштение на „Вреди“ дека нема да го поддржат Дехари, би требало да биде некаква гаранција за ВМРО-ДПМНЕ дека нивниот кандидат Јовановски ќе биде избран за градоначалник. Но, останува дилема што ќе се случи на гласањето во општина Брвеница каде што во решавачкиот дуел се Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ со 3.388 гласови и Хаќим Рамадани од „Вреди“ со 2.021 гласа. Рамадани деновиве даде провокативна и скандалозна најава за изборна соработка со кандидатот на опозициската ДУИ, Енвер Пајазити, кој има 1.147 гласови. Целта е, како што рече Рамадани, Албанец по секоја цена да победи во Брвеница за „да се знае кој е газда на својата земја“ и дека општините како Кичево, Брвеница, Тетово и секаде каде се мнозинство Албанците, мора да ги води Албанец.

Откако премиерот Христијан Мицкоски остро реагира на ова и најави разрешување на Рамадани од директорско место во Инспекторатот за локална самоуправа, сега и Билал Касами се дистанцира и од ова.

– Треба да се обединиме околу заедничките визии за развој. Ставовите на кандидатот за Општина Брвеница се негови лични ставови, јас како градоначалник на Тетово ги претставувам сите граѓани Македонците, Ромите, Турците и секако мнозинството Албанци – рече Касами.

Ваквите изјави на тетовскиот градоначалник би требало да значат дека тој в недела ќе може да смета на поддршката на приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово. Касами со 19.028 гласови има значителна предност во однос на кандидатот на ДУИ Бајрам Реџепи со 15.272 гласови. Но, тука главна дилема деновиве се води околу прашањето на чие конто ќе завршат 3.298 гласови кои во првиот круг ги добила кандидатката на Левица, Катка Божиновска? Коалицијата „Вреди“ деновиве дава низа соопштенија во кои тврди дека веќе е договорена соработка меѓу ДУИ и Левица. Во прилог на таа теза се наведува и фотографијата која се појави на социјалните мрежи а на која се гледаат Арди Исмаили, претставник на штабот на Реџепи и кандидатката Божиновска. Но, Реџепи завчера, соопшти дека фотографиите се невистинити.

– Сакам да ја информирам јавноста дека фотографиите што кружат на социјалните мрежи, поврзани со една изборна средба, како и начинот на кој тие тенденциозно се толкуваат во некои медиуми, се целосно невистинити, злонамерни и со јасна пропагандна заднина – потенцира Реџепи во писмената реакција.

Од Левица, пак, немаше реакција за објавената фотографија. Од друга страна, и министерот Азир Алиу од „Вреди“ вчера излезе со тврдењето дека постои политичка врска меѓу Левица и ДУИ.

– Во Скопје, околу 4.000 гласови од листата на НАИ предводена од ДУИ преминале кај кандидатот на Левица за градоначалник. Според анализите што ги направивме, ова лесно се гледа во бројките – рече Алиу.

Од ДУИ возвратија дека коалицијата „Вреди“ постојано ја продава истата приказна.

– Вреди одамна ја продаде албанската кауза – од 2024 година кога по поразот на изборите се договориле да станат вазали на ВМРО-ДПМНЕ. Истата приказна се повторува и сега, откако ги загубија изборите од 19 октомври, кога повторно им ги предадоа општините со албанско мнозинство на Мицкоски. Но, оваа состојба нема да трае. На 2 ноември Албанците ќе зборуваат јасно и достоинствено – ќе кажат „не“ на вазалите на ВМРО и Мицкоски, бирајќи го патот на достоинството – нагласуваат од редовите на „интегративците“.

Мобилизација за секој глас и иста неизвесност каде ќе завршат гласовите што ги добила кандидатката на Левица се случува и во Струга. Таму, во тесна трка се независниот кандидат Менди Ќура, поддржан од „Вреди“ со 9.934 гласови наспроти 9.719 гласови на Арсим Далипи од ДУИ. Во оваа трка клучни можат да бидат гласовите што ги освоила Јована Мојсовска, која доби 2.809 гласови, но и таа деновиве не се огласува за тоа кого би го поддржала. Вкупно 2.532 гласа што во Дебар ги доби независниот кандидат Рамадан Имери ќе бидат клучни во битката на Фисник Мела од „Вреди“ со 3.227 гласови и  на Илириан Фетаху со 1.948 гласови.

Чудна коалиција во Лозово – кандидатот на ТМРО со поддршка за СДСМ

Од редовите на опозицискиот СДСМ до вчера немаше официјален став со кого ќе имаат меѓусебна поддршка в недела. Од партијата изјавуваат дека такво нешто може да се очекува до крајот на неделава. Тогаш и ќе се знае од кого очекуваат поддршка но и кого ќе поддржат во општините каде немаат свој кандидат.

– Разговараме и преговорите се пред самиот финиш – изјавија од партијата.

Но, во меѓувреме, нивните општински организации и кандидати договараат соработка дури и со кандидатите од владејачката коалиција. Нивниот кандидат за градоначалник во Лозово Ацо Велковски завчера објави дека е постигната коалиција со Милан Ашиковски, кандидатот од првиот изборен круг. Велкоски во првиот круг освои 651 глас, а неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ Бојко Цветковски – 573.

–Денес потпишавме договор за заедничка поддршка во вториот круг. Со гласовите на Милан и неговиот тим заеднички обезбедуваме сигурна победа – порача Велковски.

Ашиковски, инаку, во првиот круг беше кандидат на партијата ТМРО, дел од владината коалиција, и освои 54 гласа. Во партијата ТМРО вчера беа изненадени од ваквиот потег на Ашиковски, а во соопштението само нагласија дека нивниот став е поддршка на кандидатите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

За социјалдемократите е важна и изборната битка во Крушево, каде што нивниот кандидат Томе Христовски со 2.534 гласови има предноста во однос на Нико Чонески со 2.173 гласови. Но, тука може да бидат решавачки гласовите кои ги освои Џемаил Фејзулоски од „Вреди“ – 146 како и Зоран Јанески од Левица – 122. Вчера во крушевското село Норово престојуваше и премиерот Мицкоски, заедно со нивниот кандидат Нико Чонески

– Со срце полно гордост и вера во народот, се среќавам со чесни и со вредни луѓе кои ја носат Македонија во душата. Обединети, решителни и со јасна цел во недела ќе го правиме вистинскиот избор – објави премиерот на својот профил на „Фејсбук“.

Опозициските социјалдемократи неизвесна битка ќе водат и во Валандово, каде што нивниот кандидат Перо Костадинов освои 2.64 гласови и малку заостанува зад противкандидатот Ѓоко Камчев од ВМРО-ДПМНЕ со 2.904 гласови. Во Чучер – Сандево 1.264 гласови кои ги освои независниот кандидат Влатко Смоковски ќе играат голема улога во дуелот меѓу Сашо Комненовиќ (1.976 гласови) и Зоран Бајовски (1.914) од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Но, се чини, најголема дилема оди кон тоа каде ќе завршат 3.827 гласови кои ги добила кандидатката на СДСМ за општина Карпош Маја Мојсова – Миовска. Таму, главна битка се води меѓу Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ со 10.284 гласа и Стевче Јакимовски со 8.876 гласови. Тука, важни ќе бидат и 2.802 гласа на Антонио Димитров од Левица кој отпадна по првиот круг.

Практично, важен ќе биде секој глас. Но, многу работи ќе зависат и од одѕивот на гласачите в недела, а кој на гласањето на 19 октомври беше рекордно низок со 46,48 проценти. Така, евентуално уште помал одѕив на многумина од кандидатите би можел да им ги помати сметките. (Б. Ѓ.)

Каде ќе завршат гласовите на независната Биљана Ивановска во скопски Центар?

Во јавноста, деновиве се појавуваат и дилемите околу тоа каде во вториот круг ќе завршат 4.465 гласови на независната кандидатка Биљана Ивановска, која отпадна попрвиот круг во скопската општина Центар. Таму, финална битка се води меѓу Горан Герасимовски од СДСМ со 8.535 гласови и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ со 5.707 гласови. Ивановска неодамна изјави дека нејзините гласачи сами треба да решат кому ќе му ја дадат довербата оти имаат одговорност за свој глас.

– Охрабрува фактот, вели, што Центар има критичка маса која што не размислува по партиска шема. Граѓаните се свесни дека промените треба сами да ги направат, рече тогаш Ивановска, додавајќи дека „системот е крив само тогаш кога граѓаните се неми и беспомошни набљудувачи на корупцијата, урбаниот хаос, ѓубрето итн“.

Но, дилемите во јавноста се погреваат со серија објави на социјални мрежи на организацијата „Шанса за Центар“, која стоеше зад нејзината кандидатура. Во објавите посебно се критикува досегашното управување со општината од страна на актуелниот градоначалник и кандидат, Горан Герасимовски. Вчера се критикуваше планот за локацијата „Треска“.

– Планот кој се реализира на 30.000м2 не соодветствува со Генералниот план за градот, па наместо 1.500 жители на локацијата се овозможува да се населат повеќе од 5.000 жители. 2. При подготовка за градба се исечени 105 дрва кои  градби со подземни нивоа не можат да се надоместат. Градоначалникот потенцира дека не продава државно земјиште, а за реализација на планот се приватизирани неколку илјади квадрати државно земјиште… објави, покрај другото, „Шанса за Центар“.

ИЗДВОЕНИ