Наместо да ги полнат буџетите, општините дозволиле милијарди денари да останат ненаплатени. Ревизорите утврдија пропусти во регистрите, слаб надзор и системи кои не овозможуваат следење на старите долгови. Само мал дел од општините целосно ги користат можностите за наплата на локалните давачки. Ревизорите предупредуваат дека неефикасната наплата ги намалува приходите и ја ограничува финансиската моќ на општините

 

Недостатоци во законската регулатива, недостиг на кадар, застарени системи и слаб фискален напор се главните причини поради кои македонските општини не успеваат ефикасно да ги наплатуваат локалните даноци, такси и надоместоци. Ова го покажува ревизијата на успешност што ја спроведе Државниот завод за ревизија, која го опфаќа периодот од 2020 до 2024 година.

Ревизорите констатирале дека во овој период општините акумулирале 2,93 милијарди денари ненаплатени побарувања, односно околу 47,8 милиони евра, по основ на даноци, такси и надоместоци. Истовремено, биле отпишани дополнителни 233,9 милиони денари побарувања. Особено загрижува фактот што 67 проценти од ненаплатениот данок на имот е постар од пет години, што, според ревизорите, е показател за слаб фискален ангажман на локалните власти.

Во извештајот се наведува дека постојната законска рамка не овозможува ефикасна наплата на локалните приходи. Регистарот на недвижности не се ажурира по службена должност, роковите за плаќање не се јасно утврдени, а не е регулиран ниту начинот на доставување на даночните решенија.

Дополнителен проблем е застарената методологија за проценка на вредноста на објектите. Таа не ги опфаќа новите видови градби и современите материјали, а цените што се користат при пресметката со години не се усогласени со пазарната вредност. Поради тоа, даночната основа се потценува, а општините инкасираат помалку приходи.

Од вкупно сите општини, само 15 спровеле ревизија на пазарната вредност на недвижностите, што укажува на нееднаква примена на прописите.

Ревизијата покажува дека голем број општини немаат доволно административен кадар за навремено и целосно администрирање на локалните приходи. Даночните одделенија не се целосно екипирани, недостигаат проценители, а регистрите за недвижен и подвижен имот, како и за комуналните такси, во многу случаи се нецелосни или се водат во хартиена форма.

Дополнително, различните софтверски решенија што ги користат општините не овозможуваат прецизно следење на наплатата. Според ревизорите, системите ЛТАС, АЗАРО и ИСФ не можат да покажат колкав дел од наплатените средства се однесува на стари долгови, додека таква можност овозможува единствено системот „Комуна“.

Анализата покажува дека најголем дел од комуналните такси воопшто не се применуваат во сите општини. Според податоците: 62 % од општините наплатуваат комунална такса за фирма, односно назив на деловна просторија; 70 % наплатуваат такса за користење простор пред деловен објект; 51 % наплатуваат такса за користење на плоштади и други јавни површини; само 25 % наплатуваат такса за истакнување реклами и огласи; 25 % наплатуваат такса за користење јавен простор за паркирање; 23 % наплатуваат такса за поставување витрини; 12 % наплатуваат такса за користење музика во јавни локали, а само 4 % од општините наплатуваат такса за кампови и шатори.

Овие податоци покажуваат дека само три комунални такси се администрираат во повеќе од половина од општините, додека останатите пет се применуваат во помалку од една четвртина од локалните самоуправи.

Ревизорите утврдиле дека руралните општини, со исклучок на Петровец, Илинден и Чучер Сандево, имаат значително послаб фискален капацитет во споредба со урбаните средини. Проблем претставува и слабиот инспекциски надзор. Во целата држава има само еден инспектор од Управата за јавни приходи задолжен за оваа област и 16 даночни инспектори во сите општини, кои можат само да проверуваат дали е пријавена обврската, но немаат овластување да изрекуваат глоби.

Државниот завод за ревизија оценува дека сегашните мерки и политики не обезбедуваат ефикасно администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци. Поради тоа се дадени препораки до надлежните институции за измена на законската рамка, подобрување на регистрите, модернизација на софтверските системи, јакнење на административните капацитети и поефикасна присилна наплата, со цел општините да ги зголемат сопствените приходи и да обезбедат поодржливо локално финансирање.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ