Светското првенство 2026 донесе многу драматични натпревари, големи пресврти и спектакуларен фудбал, но големото финале меѓу Шпанија и Аргентина не ги оправда очекувањата на љубителите на фудбалот. Иако „црвената фурија“ заслужено славеше со 1:0 по продолженијата и ја освои втората светска титула во својата историја, самиот натпревар остави блед впечаток.
Шпанија имаше целосна контрола врз играта, ја држеше топката во свој посед и создаваше шанси, но победничкиот гол го постигна дури во 106. минута, преку Феран Торес. Аргентина, пак, не успеа да упати ниту еден удар во рамките на голот сè до самиот финиш, кога, во 121. минута, конечно се закани.
Една од главните причини за слабата претстава беше стилот на игра на двата тима. Шпанија повторно се потпре на долгиот посед и на трпеливото градење акции, додека Аргентина се обидуваше да го наруши ритамот на противникот со цврста и агресивна игра. Исклучувањето на Енцо Фернандес во финишот само им ја олесни работата на Шпанците.
Дополнителни критики предизвика организацијата на финалето. Почетокот доцнеше поради свечената програма, а шоуто на полувремето траеше повеќе од 27 минути, речиси двојно повеќе од дозволеното според правилата на ИФАБ. Тоа предизвика бројни негативни реакции, а легендарниот Вејн Руни кратко прокоментира дека „најдобриот дел бил кога завршило“.
Проблем претставуваше и теренот на стадионот во Њу Џерси. Уште во текот на турнирот, бројни фудбалери се жалеа на сувата и нерамна подлога, а поранешниот англиски репрезентативец, Иан Рајт, ја оцени како „ужасна“ за финале од ваков ранг.
Високите температури дополнително го забавија темпото. Натпреварот се играше во најтоплиот дел од денот, а ФИФА повторно воведе паузи за освежување, што дополнително го прекинуваше ритамот на играта.
По последниот судиски свиреж, следуваа инциденти. Леандро Паредес ги загуби нервите и влезе во конфликт со неколкумина шпански фудбалери, па наместо прослава на новиот светски шампион, последните сцени беа обележани со турканици и расправии.
Сепак, историјата покажува дека не се реткост ваквите финалиња. И легендарните пресметки меѓу Шпанија и Холандија во 2010, Германија и Аргентина во 2014, како и меѓу Бразил и Италија во 1994, беа решени со еден гол или по пенали.
Затоа, иако целото Светско првенство понуди одличен фудбал, финалето во Њу Џерси повеќе потсетува на многу претходни мундијалски завршници: натпревар со огромен влог, многу тактика и со малку вистински фудбалски спектакл.











