Општина Струга, во наредните два-три месеци, ќе го подмири долгот од 55.000 евра за превоз на учениците во основните училишта наталожен со години, информира градоначалникот Менди Ќура, по постигнатиот договор на средбата со превозниците.
На средбата, било договорено и зголемување на цената за превоз на учениците, која, според превозниците, била многу ниска и не била сменета со години.
Градоначалникот посочи дека во Општина Струга пристигнало барање од превозници од неколку села, да им се исплати повеќегодишниот долг за превоз на учениците. Долгот изнесува 3.432.000 денари, односно околу 55.000 евра, само за превозот на учениците во основните училишта. Според него, станува збор за долг на училиштата, кој се акумулирал со години и кој воопшто не е поврзан со осуммесечното негово управување со локалната власт.
– Сакам да ви кажам дека барањето од нивна страна е дека треба да се исплати стариот долг од 60.000 евра. Плаќањата се реализираат етапно, од моето доаѓање како градоначалник од општинскиот буџет веќе се исплатени околу еден и пол милион денари – истакна Ќура.
Toj нагласи дека Општината настојува да ги врати сите долгови, забележувајќи дека за тоа реагираат токму оние што ги создале, односно претходната општинска власт.












