Општина Крива Паланка ја доби престижната Награда за општинска извонредност и препознаена од страна на Делегацијата на Европската Унија како лидер во државата во искористувањето на европските фондови и имплементацијата на проекти со директен бенефит за граѓаните.
Наградата беше свечено доделена на Завршниот настан на програмата ЕУ4М, кој се одржа во Националната опера и балет во Скопје, во присуство на претставници на институции, меѓународни партнери и општини, при што беа презентирани постигнатите резултати во делот на европската интеграција, прекуграничната соработка и развојните политики.
– Ова високо признание претставува значајна потврда за континуираната посветеност на Општина Крива Паланка кон успешно користење на европските фондови, како и за постигнатите резултати во областа на прекуграничната соработка – информираа од општина Крива Паланка.

Според официјалните податоци на keep.eu, Општина Крива Паланка се издвојува како една од најуспешните општини во Република Македонија по бројот на реализирани проекти од програмите за прекугранична соработка (CBC), што претставува јасен показател за капацитетот на општината за привлекување и ефикасно користење на европските средства.
– Оваа награда е потврда дека кога се работи посветено, одговорно и со визија, резултатите се препознаваат. Продолжуваме да ја развиваме Крива Паланка како современа општина, во која секој проект значи подобар живот за граѓаните. Наградата претставува признание за визијата, стратешкото планирање и заедничката работа на институциите, партнерите и граѓаните, и воедно претставува дополнителен мотив за продолжување на развојните процеси, јакнење на европските партнерства и реализација на нови проекти – изјави градоначалникот Сашко Митовски по повод добиената награда.












