петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Онлајн просторот – ново бојно поле за демократијата

Онлајн просторот – ново бојно поле за демократијата

144

Дигитални закани ја разнишуваат довербата во изборите

Хибридните закани во дигиталниот простор не се маргинална појава, туку реален и сериозен предизвик кој бара систематско и одговорно следење, истакна претседателот на Центарот за стратегиски истражувања и анализи – ЦСИА, Пецо Трајкоски, на завршниот настан на проектот „Дигитален штит: мониторинг на локалните избори 2025 од хибридни закани во дигиталниот простор“. Според него, влијанието врз изборниот процес сè повеќе се префрла онлајн, каде што дезинформациите, манипулациите и говорот на омраза можат директно да ја поткопаат довербата на граѓаните. Мониторингот покажува дека ризиците се менуваат во сите три фази – предизборна, изборна и постизборна, а раните дигитални сигнали постепено се претвораат во сериозни предизвици за легитимноста на резултатите. Проектот отвора потреба и нуди препораки за координиран институционален одговор

 

Изборниот интегритет денес не зависи само од формалните процедури, туку и од информациската средина во која граѓаните носат одлуки, порача претседателот на Центарот за стратегиски истражувања и анализи – ЦСИА, Пецо Трајкоски, на завршниот настан на проектот „Дигитален штит: мониторинг на локалните избори 2025 од хибридни закани во дигиталниот простор“. Во своето обраќање, Трајкоски ја сумираше суштината на проектот, нагласувајќи дека хибридните закани во дигиталниот простор не се маргинална појава, туку реален и сериозен предизвик кој бара систематско и одговорно следење. Според него, влијанието врз изборниот процес сè повеќе се префрла онлајн, каде што дезинформациите, манипулациите и говорот на омраза можат директно да ја поткопаат довербата на граѓаните.

– Ако информациската средина е преплавена со страв, омраза и дезинформации, тогаш и самиот демократски процес станува поранлив. Денес е јасно дека изборите веќе не се одвиваат само на терен, ниту само на избирачките места. Голем дел од влијанието врз јавноста се одвива онлајн. Таму се создаваат и се шират наративи, таму се засилуваат сомнежи, таму се поттикнува поларизација, а понекогаш и директно се поткопува довербата во институциите, во процесот и во самата легитимност на изборите. Токму затоа, хибридните закани денес не смеат да се гледаат како нешто апстрактно. Тие се реален безбедносен и демократски предизвик, особено во изборен период. Ова е јасно видливо и низ трите фази на мониторингот што ги опфативме: предизборниот период, изборниот молк и денот на гласање, како и постизборниот период, истакна Трајкоски.

Претседателот на ЦСИА појасни дека структуриран мониторинг на дигиталниот простор во три фази е важен како пристап, затоа што ризиците не се исти во текот на целиот изборен циклус.

– Во предизборниот период доминираат рани индикатори, штетни наративи, стравови, идентитетски поларизации и постепено подгревање недоверба. Во изборниот молк и на денот на гласање, ризиците се многу почувствителни и побрзи: прекршувања на молк, дезинформации, манипулации, непотврдени тврдења, обиди за демотивација на гласачите и поткопување на довербата во самиот процес. Во постизборниот период, пак, тежиштето се префрла кон борба за легитимност на резултатите, кон делегитимирачки наративи, говор на омраза и дополнително продлабочување на поларизацијата, рече Трајкоски.

Тој нагласи дека значењето на проектот оди подалеку од конкретниот изборен циклус, отворајќи простор за поширок институционален и општествен дијалог за справување со хибридните закани. Според него, неопходна е поголема координација меѓу институциите, медиумите и граѓанскиот сектор со цел поефикасно да се одговори на овие предизвици.

Како клучен придонес, Трајкоски ги издвои развиените алатки и ресурси во рамки на проектот – вклучително и ОСИНТ прирачникот, обуките и мониторингот – кои, како што рече, создаваат практична основа за нивна примена и во идни изборни процеси.

Настанот продолжи со презентации на проектните соработници, кои преку примери ги претставија клучните наоди од анализите за предизборниот, изборниот и постизборниот период, нудејќи подетален увид во детектираните хибридни закани и нивното влијание врз изборниот процес.

Предизборен период

Во извештајот подготвен од Пецо Трајкоски, Игор Чавески, Куштрим Ала и Митко Јовановски, Фаза 1 го опфаќа периодот од јули до септември минатата година и тука спаѓаат предизборните индикатори за хибридни закани и изборни ризици во дигиталниот простор. Во заклучокот за оваа фаза се вели дека таа „покажува дека дигиталниот простор се користи како ’подгревање’ на конфликти и стравови кои лесно се прелеваат во офлајн средина. Ова создава висок ризик во следната фаза (кампања) да се зголемат говорот на омраза, координираните наративи за делегитимација и целењето на поединци (вклучително и жени во јавниот живот)“.

Во извештајот за предизборниот период се заклучува дека оваа фаза јасно покажала дека ризичните динамики поврзани со изборите не започнуваат со официјалниот старт на кампањата, туку се градат постепено – преку нормализирање на симболички конфликти, етничка поларизација, говор на омраза и наративи на колективна загрозеност.

– Наместо доминација на локални теми и програмски дебати, дигиталниот простор во голема мера беше исполнет со „ние-наспроти-тие“ рамкирања кои ја намалуваат довербата и ја заоструваат меѓугрупната дистанца. Најважната вредност од овој период е што беа документирани раните „шини“ по кои почнува да се движи јавниот разговор уште пред кампањата: стравот како алатка за мобилизација, „двојните стандарди“ како оправдување за радикален јазик и идентитетската манипулација како механизам што ги претвора локалните избори во симболичка „национална битка“. Дополнително, беше забележливо дека дел од штетните содржини се „пакуваат“ во форми што изгледаат општествено прифатливо – како хумор/сатира, спортски ривалитет или „безбедносни приказни“ – но резултатот може да биде сериозен: дехуманизација, нормализирање омраза и пренасочување на јавниот фокус од локални прашања кон идентитетски конфликти. Ова особено се засилува кога симболички или физички инциденти добиваат дигитална виралност и се читаат како колективна порака, наместо како индивидуален престап, со што се создава чувство дека јавниот простор е небезбеден и се поттикнува логика на самоорганизирање и „одбрана“, стои во извештајот за предизборниот период.

Изборен ден

Во однос на изборниот молк и деновите на гласање, извештајот, кој ги опфаќа 18 и 19 октомври, како и 1–2 ноември, 2025 година, нагласи дека постизборниот период не започнува „од нула“, туку ја наследува целата логика на влијание што се активира во изборниот молк и на денот на гласањето: брзи дезинформации што создаваат забуна и демотивација, „доказни“ конструкции што ја пренасочуваат дебатата кон идентитетски сомнеж, анонимни извори што функционираат како „пумпи“ за дискредитација, и пакети обвинувања што ја релативизираат легитимноста на исходот.

–Токму затоа, ризикот за државата не се мери само со тоа колку луѓе поверувале во една конкретна објава, туку со тоа што овие техники стануваат нормален инструмент на политичко натпреварување и почнуваат да го моделираат јавниот разговор и довербата во институциите. Во материјалите, оваа динамика се гледа и како „шум“ што ја заматува вистината (многу пријави, голем дел невистинити), како и како постизборни рамки за оспорување на исходот што циркулираат онлајн без јасна врска со формална процедура. Најпрво, ваквите појави создаваат структурна ранливост на легитимноста. Кога во изборен ден се шират „предвремени победи“ или кога по изборите се пласираат наративи за „искривена волја“ преку пакет обвинувања (поткуп, притисоци, одземање лични карти, „неважечки ливчиња“), јавноста постепено се навикнува да го гледа изборниот резултат како нешто што секогаш е спорно, секогаш „под сомнеж“ и секогаш подложно на наративна интерпретација. Во таков амбиент, локалната власт не се оценува според политики и резултати, туку според тоа дали е „легитимна“ – и секоја наредна одлука станува уште една причина за конфликт. Ова е особено опасно во локален контекст, каде социјалните мрежи функционираат како локални арени на притисок, а конфликтите се персонализирани и лесно ескалираат во заплашување, стои во заклучокот на извештајот за оваа фаза.

Во заклучокот, преку примери се посочува дека дури и кога нешто останува непотврдено, сомнежот има долг живот: тој се повторува, се прераскажува и станува „знаење“ во одредени кругови.

– Кога ваквите содржини стануваат нормализирани, се создава „студен ефект“: кандидати и активисти се повлекуваат, новинарите стануваат цел, а граѓаните го губат интересот да се вклучат во јавниот живот, бидејќи цената на јавна изложеност расте. Ова е тивка, но длабока деградација на демократскиот простор, која не се гледа преку еден скандал, туку преку постепено стеснување на тоа кој се осмелува да зборува.

Постизборен период

Во однос на постизборниот период (по втор круг) за Локалните избори 2025, во извештајот се констатира дека постизборниот период по втор круг е фаза каде што „штетата“ се случува брзо: сомнежот се шири побрзо од фактите, омразата добива замав преку коментари и реобјави, а непотврдените информации лесно се претвораат во „јавна вистина“. Затоа, во склоп на овој извештај има и препораки за институциите (ДИК / МВР / обвинителство –судство / општини), како и за медиумите, кои се дизајнирани како оперативни чекори што реално може да се спроведат во првите 14–30 дена, со јасни одговорности и практични резултати.

– Во првите 14 – 30 дена по вториот круг, институциите треба да имаат јасен, јавен „постизборен протокол за брза реакција“, кој автоматски се активира по изборите. Тој протокол треба, едноставно, да им каже на граѓаните и на политичките актери: кои се роковите за приговори и жалби, кој е надлежен за што, што се смета за доказ и каде точно се поднесува. Со тоа, тврдењата за „искривување на волјата“, поткуп или неправилности се насочуваат кон институционална постапка наместо да останат да кружат како дигитален наратив без разрешница. Паралелно, институциите треба да постават јасна граница меѓу легитимна политичка критика и дигитално насилство: говорот на омраза, заканите и особено целењето на функционери и нивни семејства мора да се третираат приоритетно и да добијат брза реакција, за да не се нормализираат како „новата нормала“ по избори. Конечно, кога ќе се појават непотврдени „вести“ и шпекулации со политичка цел, институциите треба координирано да реагираат со кратки разјаснувања и деманти во стандарден формат (тврдење → факт → постапка/извор → каде да се провери), за да се намали просторот каде што сомнежот се претвора во убедување, стои во заклучокот на извештајот.

Проектот „Дигитален штит: Мониторинг на локалните избори 2025 од хибридни закани во дигиталниот простор“ е спроведуван од Центарот за стратегиски истражувања и анализи – ЦСИА Битола. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2”  финансиран од Европската Унија. (В. С. Н.) 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ