На денот кога почна судскиот процес за Стојанче Јовановски, обвинет за тешко семејно насилство што ја доведе неговата сопруга Ивана до самоубиство, фрлајќи се со детето од балкон во Карпош, внатрешната полициска контрола утврдила сериозни пропусти кај 39 полицајци. Обвинителството отвори истрага за нивното непостапување, а за социјалните работници е сè уште во тек. На утрешното рочиште за овој случај што ја потресе јавноста ќе сведочи Мартин Саздов, кој бил заедно со Јовановски трагичниот ден. Токму пропустите на институциите во спречувањето на фемицидот и неговите форми се забелешка под број еден во годишниот извештај за заштита на човековите слободи и права на Народниот правобранител
Судењето за Стојанче Јовановски (30) утре продолжува во Кривичниот суд, каде што се очекува да сведочи клучниот сведок за трагичниот настан од 2 март, кога се фрли Ивана Јовановска од балкон, носејќи го во смрт и своето 6-годишно дете. Во обвинението што го прочита обвинителката Адела Бојчевиќ, ќотекот, заканите за живот и тоа дека ќе ѝ го одземе заедничкото дете, кај жртвата предизвикале губење на чувството за контрола, што во случајот направило Ивана да донесе фатална одлука. Стручната јавност ги нарекува ваквите состојби психолошка парализа и „научена беспомошност“, кога верува жртвата дека нема излез.
На денот на почетокот на судењето, во понеделникот, Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи утврдил сериозни пропусти во постапувањето на дури 39 полициски службеници што биле вклучени во интервенции по пријави за семејно насилство поврзани со случајот на Ивана Јовановска. Како што информираат од МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веќе доставил известување до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, каде што ќе се утврдува понатамошната одговорност.
Во скопското Обвинителство, пак, сè уште трае предистрагата против социјалните работници од ЦСР во Скопје што не го примениле Законот за заштита од семејно насилство во случајот со Ивана. Според сведочењето на нејзината мајка, Љубица Јовановска, тепањето било пријавувано неколкупати од сите страни, членови на семејствата, пријатели, соседи. Јовановска кажа пред судијата дека инспектор Горан од ПС Карпош половина час запишувал само еден ден од петгодишното насилство, но постапка против Стојанче не се случила со оправдување дека не го потпишала записникот. Во друга пријава, полицајците ги советувале: „Ајде смирете се, сè ќе биде во ред“, притоа начекувајќи ситуација на натепана жена со дете во рацете. Од Обвинителството велат за весникот ВЕЧЕР дека е прибавена и медицинската документација од Клиниката за дигестивна хирургија, каде што лежела Ивана четири дена, од хематом добиен од клоците и тупаниците во стомакот. На 15 јануари, при посета, тој ја бутнал по скалите. Таа се онесвестила од падот, две службенички дошле да разговараат со неа и тие, веројатно, ќе бидат опфатени во испитувањето на скопското Обвинителство.
Народен правобранител: Заштитата доцни, системот не препознава ризик навреме
Токму пропустите на институциите во спречувањето на фемицидот и неговите форми се забелешка под број еден во годишниот извештај за заштита на човековите слободи и права на Народниот правобранител.
– Најчесто заштитата на жртвите од семејно насилство не е навремена, поради што е потребно да се обезбедат превенција и координирано системско следење на семејствата со ризично однесување, како и воспоставување механизми што овозможуваат рана интервенција и заштита на децата и другите членови на семејството, дури и кога жртвата формално не поднесува пријава – кажа правобранителот Фатон Сељами.
Сепак, институцијата нема, но се заложи дека ќе направи анализа за тоа дали работат социјалните работници по закон кога постапуваат со жртвите.
– Исто така, неопходна е и обука на кадрите што работат на оваа проблематика, и тоа како во МВР така и во ЦСР, за навремено препознавање и постапување по пријавите за семејно и родово-базирано насилство – вели правобранителот, кој ќе бара измена на законите за семејно насилство и надлежните да не чекаат од жртвата формално да пријави.
Во оваа насока, од канцеларијата на НП го споменаа случајот со фемицидот во Шуто Оризари, каде што роднините правеле обиди да пријават, но во МВР барале жртвата лично да потпише, исто како и во случајот со Ивана.
Адвокатите што застапуваат жртви на семејно насилство претходно сведочеа за весникот ВЕЧЕР за непрофесионалното однесување на социјалните работници. Така, жена чие дете по разводот живее со неа и не сака да оди на викенд со таткото бидејќи го малтретирал, доживеала да биде пријавена во полиција од бившиот сопруг за непочитување на мерката. Иако неколкупати пријавувала во ЦСР дека детето одбива да оди кај таткото, сепак последниот пат била дочекана со зборовите: „Што ми досаѓате сега, не нè замарајте“. Мајката бара совет од адвокат, бидејќи сега ѝ стигнала ем тужба од таткото ем решение од Социјалното за непочитување на решението за викенд.
По случајот со смртта на Ивана и Катја, од Министерството за труд и социјала најавија истрага, но до ден-денес нема исход од неа.
Ако по случајот со пожарот во Кочани научивме што е верижна одговорност, тогаш дали не треба таа да биде практика и во ваквите тешки случаи на семејно насилство?
Засега за трагедијата во Карпош одговара сопругот Стојанче Јовановски, за кривичното дело телесна повреда, со максимална затворска казна од 3 години, потоа загрозување на сигурноста со иста највисока казна од 3 години и наведување на самоубиство од небрежност со максимум изречени 5 години затвор. Во случај да биде прогласен за виновен со изречени максимални казни, Кривичниот закон пропишува единствена казна, која мора да биде поголема од најтешката поединечна казна во случајот 5, но не смее да го достигне збирот на сите казни. (П. А.)












