-Постојано и отсекогаш, не само минатата и оваа година кога имав можност тоа да го повторам многупати, велам дека ништо никогаш не почнува со нас. Во ниедно време, со ниедна генерација, формација, правец или писмо, никогаш ништо не се почнува од почеток, туку само се продолжува и се надоврзува на нешто што било претходно. Ова не е нешто што само го зборувам, туку се надевам дека и го покажувам во своите книги — еве, конкретно и во најновиот роман, се обидов „Две Марии“ од Славко Јаневски од 1956 година да ги разбудам како „Три Марии“ во 2025 година, рече писателката Оливера Ќорвезироска на врачувањето на наградата „Роман на годината“, свечен настан што се одржа вечерва во Друштвото на писателите на Македонија во присуство на бројни љубители на книжевноста.
Како што е познато, романот „Три Марии“ на Ќорвезироска во издание на „Арс Либрис“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2025 година, a која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Наградата се состои од оригинална статуетка, плакета и паричен износ од 150.000 денари и е поддржана од Министерството за култура и туризам, додека генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје.

Како што додаде Ќорвезироска во својата беседа, дека кога вели ништо никогаш не почнува со нас, секогаш мисли на современата македонска книжевност.
-Вечерва, повторно велам ништо никогаш не почнува со нас, но за првпат не мислам на современата македонска книжевност, туку мислам на наградата „Роман на годината“. Постулатот е тој, истиот, но фокусот е променет, диоптријата е поизбистрена, окото понаострено. Оваа награда доби своја физиономија, свои црти, свој израз на книжевното лице и, инволвирајќи се во современата книжевност, брзо прерасна во некаков пулсиметар на романот како водечки, дури и доминантен жанр, посочи таа.
Лауреатката потсети и на низата добитници на „Роман на годината“ од 1999 година до денес.

– Првата награда беше доделена овде, во Друштвото на писателите, 1999 година — и таа низа на добитници оттогаш, макар што наградата е за текст, за дело, а не за автор, сепак донесе најразлични пишувачки биографии, истакна Ќорвезироска.
Посочи и дека пишувачките биографии на добитниците на оваа награда се многу возбудливи и крајно индивидуални.
– Наградата направи многу не само за жанрот на романот туку и за нас, македонските писатели. Нè привлече и нè поттикна на жанровска миграција и на творечка реорганизација. Мерејќи го пулсот на жанрот, оваа престижна награда неосетно почна да го мери и творечкиот пулс на авторите: на оние што отсекогаш работеа во овој жанр, но и на оние што само миговно му се поклонија, правејќи творечка прошетка низ него – рече таа.

-Јас не знам како ѝ прилега моето име на оваа низа. Не знам дали ја добив наградата прерано, предоцна или навреме. Не знам што ќе станеше доколку се случеше поинаку и со друг редослед. Не знам дали досега ќе имав само еден или десет романи ако ја добиев наградата за првиот напишан роман за возрасни. Она што знам е дека моите три романи за возрасни со кои досега учествував за „Роман на годината“ се малобројни во однос на моите други книги. Тоа значи дека и самата сум жанровски номад или жанровски мигрант. Со првиот роман се приближив кон врвот. Со вториот, не ми успеа да излезам од средината на листата. Со третиот – еве ме во низата на добитници. Исто така знам и дека сега, по добивањето на наградата, нема да пишувам позабрзано, ниту ќе пишувам само романи. Ќе продолжам да си пишувам со мојот вообичаен творечки ритам. Книгата на која работам во мигов не е роман. По неа, веројатно, ќе биде роман. По романот, кој знае, најверојатно раскази – моето книжевно дома, мојот венчален книжевен жанр. Наградите доаѓаат или не доаѓаат. И кога ќе дојдат, наградите си заминуваат. Она што останува се добрите книги, а тие преживуваат и без награди, за разлика од наградите, кои не можат да преживеат без добрите книги. Секако дека се радувам за наградата „Роман на годината“, но и покрај радоста, ниту миг не престанувам да размислувам, да се преиспитувам и да се надевам дека „Три Марии“ е добар роман – заврши лауреатката Ќорвезироска.
Инаку, на конкурсот за „Роман на годината“, кој се одржува 27-ма година по ред, годинава конкурираа 46 романи, а жирито ја донесе одлуката со мнозинство гласови, по претходно неколкукратно селектирање на пристигнатите романи.

– „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска е мајсторски напишан роман, во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната. Во трите приказни од кои е составен романот има по една Марија како главен лик, а лајтмотивот што се протега низ книгата е топосот на станот во кој се поврзуваат отсечките на животите на протагонистките. Сите три приказни започнуваат со вртоглава брзина, од смртта на Марија Пребирлиева, преку потрагата по стан на Марија Зара, до драматичниот повторлив сон на Марија Деспотовска Солев. Потоа, преку ретроспектива, сите се враќаат назад низ времето за да ја доведат протагонистката до критичниот момент во животот. Централниот интерес во сите три приказни е љубовта – возвратена, невозвратена, нагло прекината, но во сите случаи љубов што ги надминува општествените норми, кои сепак, на крајот надвиснуваат и го оневозможуваат остварувањето на љубовта, посочија во образложението членовите на жири-комисијата, во состав Калина Малеска (писателка и минатогодишна лауреатка), Иван Антоновски, Ивана Трајановска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“).
Романот „Три Марии“ на книжевен план ја означи изминатата, но и оваа година. Книгата освен што е актуелен добитник на престижната награда „Роман на годината“, ја доби и реномираната награда „Стале Попов“ на ДПМ, како и Рациновото признание. „Три Марии“ е првото и засега единствено дело што ги доби овие три најзначајни книжевни награди со што си обезбеди посебно место во македонската книжевност. (Н.И.Т.) Фото: П.Стојановски












