петок, септември 18, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Олеснување за македонските транспортери: Хрватска од идната недела ќе издава посебни визи

Олеснување за македонските транспортери: Хрватска од идната недела ќе издава посебни визи

0

Хрватска од 23 септември ќе издава посебни долгорочни визи за македонските траспортери, како и за возачите од другите земји од Западен Балкан, со цел да се олесни нивното движење и престој во земјите од Шенген-зоната.

Информацијата ја соопшти Биљана Муратовска од „Макам-транс“, гостувајќи во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ 24, посочувајќи дека станува збор за мерка што треба да им помогне на транспортерите од Македонија и регионот.

Хрватска е првата земја-членка на Европската Унија што овозможува ваков тип визи за возачи на автобуси и камиони кои се вработени во компании регистрирани во трети земји, соопшти и српското здружение за транспорт „Пумед“.

Од 23 септември, државјани на трети земји кои работат како професионални возачи ќе можат да поднесуваат барања за долгорочни национални визи. Во почетокот, хрватската амбасада во Белград ќе обработува ограничен број барања дневно, а бројот постепено ќе се зголемува со целосното воспоставување на електронскиот систем.

Мерката не се однесува само на Србија, туку и на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, како и на други држави чии граѓани вообичаено можат да влегуваат во Хрватска без виза.

Причината за воведувањето на посебните визи е проблемот со правилото 90 дена престој во период од 180 дена, кое важи за државјани на трети земји во Шенген-зоната. Професионалните возачи поради природата на нивната работа често ги надминуваат дозволените денови, што создава сериозни проблеми за меѓународните транспортни компании и за непреченото одвивање на товарниот сообраќај.

Од „Макам-транс“ укажуваат дека, и покрај хрватската мерка, правилото 90/180 останува отворено прашање за македонските возачи. Според Муратовска, тоа ќе треба да се решава билатерално со секоја од земјите во Шенген-зоната.

ИЗДВОЕНИ