Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) откри мрежа за шверц на фалсификувани кондоми дистрибуирани низ Европа и заплени повеќе од 200.000 парчиња со потекло од Кина.
Кондомите биле лажно декларирани како играчки, а биле запленети во Романија, Србија и Шпанија. Вредноста на запленетата стока надминува 200.000 евра.
Од ОЛАФ предупредуваат дека производите не ги исполнуваат здравствените и безбедносните стандарди на Европската Унија, бидејќи не биле тестирани за микробиолошка исправност, отпорност на кинење, биокомпатибилност, рок на траење и други задолжителни критериуми.
– Фалсификуваните кондоми се опасни. Тие не се тестирани, не се контролирани и не се безбедни, изјави директорот на ОЛАФ, Петер Клемент.
Според истрагата, лажните производи биле продавани под името и логото на позната трговска марка, но не се открива кој, а не се открива ни кое количество стигнало до потрошувачите. Но, ОЛАФ, во соработка со кинеските власти, го идентификувал извозникот што стоел зад спорните пратки, чиј идентитет, исто така, не е објавен.
Надлежните предупредуваат дека користењето вакви фалсификувани производи може да го зголеми ризикот од сексуално преносливи инфекции, несакана бременост и изложеност на небезбедни материјали и хемикалии.












