среда, јули 8, 2026
Дома МАГАЗИН Блаже Темелков и Стевче Грозданов повторно во дует – „Коктел“ со  „ретро...

Блаже Темелков и Стевче Грозданов повторно во дует – „Коктел“ со  „ретро бикини“ песната „Помисли на мене“ 

1

Поминаа четири месеци во знакот на претходната песна на возобновеното македонско поп-дуо „Коктел“, кое сега има ново парче музика. Овој пат во духот на своето име, Блаже Темелков и Стевче Грозданов ќе ве освежат со летен музички коктел, полн со копнеж за љубов.

Токму „Помисли на мене“ е насловот на новата песна што во многу нешта потсетува на ретро звукот од 80-тите и 90-тите години, кога и домашната и светската музика ги нижеа своите најголеми хитови, кои станаа безвремени.

Така некако звучи и оваа нова, трета по ред песна од возобновената фаза на дуото „Коктел“, направена во реге-поп манир. Сепак, зачинета е со балкански шмек, што ѝ дава поголема слушаност не само кај оние што ќе се потсетат на старите добри времиња туку и кај овие од помладата генерација, кои сè уште не научиле што е вистински хит. Како и да е, новата песна на „Коктел“, во суштина, е лесна, певлива летна тема, добра за слушање и за танцување некаде на езерските и морските плажи. Помодерно кажано, не е рап, трап или аренби, ама е затоа „ретро бикини“ хит.

Авторско-продуцентскиот тандем и изведбата остануваат исти: Блаже Темелков е автор на музиката и на текстот и ги пее вокалните делници, додека Стевче Грозданов го изработи аранжманот и ги програмираше и отсвири сите инструменти. Миксот и мастерингот му беа доверени на Горан Гешовски.

Со оваа негова трета песна по ред откако реши повторно да се активира, дуото „Коктел“ полека го меша својот „музички коктел од лесни ноти“, подготвувајќи го новиот материјал, кој заедно со некогашните „препеглани“ негови хитови ќе биде добар „штоф“ за кам-бек.

Во меѓувреме, помислете на своите сакани, поубави или посилни половини, а ако ги немате, побрзајте да ги најдете, зашто летото е во тек, вистински период за коктел од љубов, емоции, страсти, забава, авантура и овој хит – „Помисли на мене“. (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ