понеделник, август 3, 2026
Дома БАЛКАН Ограбени автомобилите на грчките пожарникари додека гаснеа пожари

Ограбени автомобилите на грчките пожарникари додека гаснеа пожари

51
EPA/SOPHIE GARCIA

На пожарникарите од Првата специјална единица за шумски интервенции во Грција, по враќањето од гаснење големи шумски пожари, им ги ограбиле приватните автомобили паркирани во комплексот на единицата, а им бел украден и личниот имот.

Покрај тоа, од некои возила беа одземени сите четири тркала, објави Панхеленското здружение на шумски пожарникари.

Во соопштението се наведува дека по завршувањето на неколкудневните интервенции за гаснење големи пожари, по враќањето во базата, членовите на Единицата ги пронашле своите возила обиени и им била предизвикана материјална штета, објавува ЕРТ.

Здружението оцени дека е неприфатливо пожарникарите, кои со денови учествуваат во гаснење пожари и ги заштитуваат животите на луѓето, имотот и природните ресурси на земјата, да се соочуваат со грабеж и уништување на личен имот по враќањето од нивните мисии.

Инцидентот, според Здружението, ги истакнува долгогодишните проблеми со кои се соочува оваа оперативна единица на Грчката противпожарна служба, наведувајќи дека објектите и безбедносната инфраструктура се несоодветни за комплекс во кој се сместени повеќе од 300 пожарникари, како и Специјалната моторизирана единица за противпожарна интервенција.

Во исто време, Здружението побара од властите да утврдат одговорност, да ги обештетат повредените пожарникари и да преземат мерки за спречување на повторување на слични инциденти.

Здружението побара итно зголемување на безбедносните мерки во објектите на Единицата, заштита на имотот на пожарникарите и подобрување на инфраструктурата на единицата, нагласувајќи дека безбедноста и достоинството на припадниците на противпожарната служба не смеат да се занемаруваат, особено во период кога тие се на првата линија на одбрана од шумски пожари низ цела Грција.

ИЗДВОЕНИ