Во Министерството за спорт се одржа првиот работен состанок на меѓуресорската група за подготовка на националната стратегија за развој на спортот (2026-2030). На состанокот присуствуваа: државниот секретар во Министерството за спорт, Сашо Огњеновски; Тања Блажевска, раководител на Одделението за оперативно-аналитички работи во Секторот за спорт и координатор на работната група; Игорче Кузмановски, раководител на Одделението за развој и унапредување на спортскиот систем; членови и заменици-членови; претставници на повеќе институции што се вклучени во подготовката на стратегијата – Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, Министерството за образование и наука, Министерството за култура и туризам, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Министерството за транспорт, како и претставници од Државното правобранителство.
На првата работна средба беше истакната важноста на овој стратешки документ за развојот на спортот како еден од националните приоритети на Владата на Република Македонија.
– Спортот е специфична сфера што директно или индиректно е поврзана со многу други области. Изготвувањето на националната стратегија за развој на спортот е комплексен процес во кој ќе бидат вклучени сите релевантни страни: државни институции, национални спортски федерации, универзитетски професори и други стручни лица од областа на спортот, кои верувам ќе дадат голем придонес во изготвувањето на овој стратешки документ во предвидениот рок – рече државниот секретар, Сашо Огњеновски.












