Во Градскиот парк во Скопје денеска се одржува централниот настан по повод одбележувањето на Денот на Европа, кој годинава се одржува под слоганот „Наша Европа. Посилни заедно“, соопшти „Европска куќа Скопје“.
Официјално обраќање на настанот имаше евроамбасадорот Михалис Рокас со почеток во 12 часот на сцената „Школка“.
Пораки за медиумите испратија евроамбасадорот Рокас, министерот за европски прашања Беким Сали и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Програмата вклучуваше игри и забава организирани од земјите-членки на ЕУ, катче за храна и штандови со рециклирани предмети. Посетителите имаат можност за едукација за растенијата и урбаното зеленило, како и за запознавање со локални еколошки бизниси.
Прославата е збогатена и со музичка програма и настапи во живо на танцовата компанија „Еурека“, Дина Јашари, Звада, „Конкеринг Лион“, „Дапунк и Дабл Г“, Емили Нас и Мартина Пенева.
Денот на Европа ќе заврши на зајдисонце, кога зградата на Владата на Македонија ќе биде осветлена во сина боја.
Фото:П.Стојановски
















