Поранешниот младински репрезентативец на Македонија и некогашен лев бек, Јован Трајков (49 години), денес е целосно посветен на тренерската работа. Во ФК Вардар ја извршува функцијата советник во натпреварувачките генерации, додека е главен тренер на Еуромилк, клуб кој оваа сезона ќе се натпреварува во Втората македонска лига. Зад себе има богата играчка кариера, но вели дека најголемото задоволство денес го наоѓа во развојот на младите фудбалери. Во интервју за ВЕЧЕР, Трајков зборува за своите почетоци, за својот „втор дом“ Вардар, македонскиот фудбал, Светското првенство, репрезентацијата и идните предизвици.

  • Имам убави спомени од Вардар. Последните две години сум дел од клубот како советник во натпреварувачките генерации и навистина ми е чест што повторно сум во средината каде што ги направив првите фудбалски чекори. Како играч, не успеав да ја исполнам својата цел во Вардар, но затоа денес давам сè од себе да успеам како тренер и да помогнам во создавањето на нови генерации, почна Трајков.

Тој открива дека љубовта кон фудбалот се родила уште во најраното детство, благодарејќи на неговиот татко.

  • Татко ми е од Струмица, а јас го следев фудбалот уште како дете. Кога се преселивме во Скопје, беше сосема природно да навивам за Вардар. На седум или на осум години, татко ми ме носеше на стадион да ги гледаме натпреварите, а токму во фудбалската школа на Вардар ги направив и првите чекори, вели поранешниот лев бек.

ФОТО: Ѕвонко Плавевски

Иако ги поминал сите младински репрезентативни селекции, за А-тимот одиграл само еден натпревар, пријателски против Литванија.

  • Играв за сите категории, од У19 до У21, а во тоа време настапував за Цементарница 5. За жал, за сениорската репрезентација имам само еден настап, на пријателски натпревар, но и тоа е чест што засекогаш останува, додава тој.

Неговата играчка кариера можела да биде многу поголема, но здравствените проблеми го принудиле предвреме да стави крај на професионалното играње.

  • Важев за голем талент, но сипаницата што ја прележав на повозрасни години ми предизвика сериозни хормонски нарушувања и морав да се повлечам. Играв за Цементарница, Металург, Маџари, Работнички, Скопје, Локомотива… Кариерата беше кратка, но слатка. Денес можам да кажам дека тренерската кариера ми носи уште поголемо задоволство затоа што трае многу подолго, вели Јовче.

Низ неговите раце поминале голем број таленти, од кои денес дел се македонски репрезентативци.

  • Не би сакал да издвојувам имиња, но можам да кажам дека голем број сегашни репрезентативци и интернационалци поминаа низ моите тренинзи. Тоа е најголемата сатисфакција за еден тренер, додава тренерот на Еуромилк.

Осврнувајќи се на неодамна завршеното Светско првенство, Трајков смета дека најголемо изненадување биле аутсајдерите, но дека титулата на Шпанија не е случајност.

  • Искрено, откако се прошири бројот на учесници на Светското првенство, ќе кажам дека најмногу изненадија оние селекции кои важеа за аутсајдери на хартија. Тука ќе го споменам Кабо Верде, но и многу други кои рамноправно се носеа со големите фаворити. Што се однесува до фаворитите, од самиот старт верував во голем успех на Шпанија. Иако имаа кикс на стартот (0:0 со Кабо Верде), знаев дека „фуријата“ е најсилна кога е најпотребно. Шпанија, системски, како го игра фудбалот не случајно. Тоа го прават од најмлади категории до А-селекција. Тие покажаа дека ѕвездите се помалку важни од системот. Кај нив играчот се вклопува во системот, а не обратно. Тоа е формулата за успех, изјави Трајков.

Според него, паузите за хидратација треба да останат дел од фудбалот, иако има многу спротивставени ставови од бројни експерти околу ова прашање.

  • Во одредени временски услови, тие се навистина потребни. Освен што им помагаат на играчите физички, му овозможуваат и на тренерот да даде важни насоки. Не ги гледам како маркетиншки потег, туку како позитивна промена, смета тој.

За шансите Македонија повторно да игра на големо натпреварување е реален, но и оптимист за иднината.

  • Имаме многу талентирани деца, но проблемот е што го губиме нивниот развој при преминот во сениорскиот фудбал. Како што можам да видам, во Фудбалската федерација се прават напори овие талентирани деца да дојдат до израз, да им се даде поголема шанса и минутажа на теренот за време на првенствените натпревари. Што се однесува до терените, денес во речиси секој град во Македонија има вештачка трева, што значи дека имаме многу подобри услови од минатото. ФФМ воведе правило, еве, во Втора лига каде што сум, во стартниот тим да има тројца играчи до 21 година и еден играч до 19 години. Не само да стартуваат, мора и да го завршат мечот. Тоа значи дека ако излезе од игра некој од овие младинци, ќе мора да влезе нивни врсник. Што се однесува до прашањето околу пласманот на нашата селекција на СП, искрено, не ја гледам Македонија во тоа друштво. Но, нагласувам, ако се направи долгорочна стратегија, имаме голем потенцијал повторно да играме на голема сцена, истакна Јован.

Трајков смета дека проблемот не во селекторот, туку во клупскиот фудбал.

  • И Јирген Клоп да седне на клупата, нема магично стапче за да ги подобри резултатите. Во времето на Игор Ангеловски, нашите репрезентативци беа стандардни во најсилните европски лиги. Денес тоа не е случај. Селекторот работи само десетина дена со играчите. Затоа е многу поважно тие редовно да играат во своите клубови. Затоа велам, мора да се направи план, нашите таленти да добиваат поголема минутажа во македонските клубови, за да се продадат на страна и да се калемат како играчи и лидери во А-репрезентацијата. Во моментов, немаме играчи кои играат по 90 минути во европските клубови, или се релативно малкумина, вели поранешниот играч.

Дополнително, нагласува дека домашните клубови мора повеќе да им веруваат на младите македонски играчи, отколку на странците.

  • За жал, имаме премногу слаба лига. Во нашата лига доаѓаат многу странци со сомнителен квалитет кои не носат разлика на теренот. Наместо тоа, треба да им се даде поголема минутажа на домашните млади фудбалери, бидејќи само така ќе создадеме идни репрезентативци, вели Трајков.

Како тренер на Еуромилк, тој е скромен во очекувањата пред новата сезона.

  • Примарната цел е опстанок во Втората лига. Ако ни се отвори можност за нешто повеќе, максимално ќе ја искористиме. Го задржавме костурот на тимот од минатата сезона, донесовме неколку млади играчи и работиме на дополнително засилување. Имаме одлична управа која максимално стои зад клубот и тоа многу значи за сите нас, нагласи тренерот.

На крајот, зборуваше и за изборот на „Златната топка“, најпрестижната фудбалска награда за која ВЕЧЕР го има единствениот глас од Македонија.

  • Конкуренцијата е огромна. За мене, откритие на сезоната е Мајкл Олисе. Со својата игра, асистенции и креативност ме потсетува на Лионел Меси. Сепак, Хари Кејн и Килијан Мбапе, исто така, имаа извонредна сезона и заслужено се во најтесниот круг за најпрестижната индивидуална награда во светскиот фудбал, заврши Јован Трајков.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ

ИЗДВОЕНИ