среда, јуни 10, 2026
Дома СВЕТ Од теписи, софи, мотоцикли… до златни прачки – израелските војници пљачкаат сè...

Од теписи, софи, мотоцикли… до златни прачки – израелските војници пљачкаат сè што ќе најдат во домовите во Либан

1041
EPA/WAEL HAMZEH

Израелските војници ограбуваат значителни количини злато и цивилен имот од домови и од бизниси во јужен Либан, според сведоштва на војници и на команданти на ИДФ стационирани во земјата, дадени за израелскиот дневен весник „Хаарец“.

Ограбувањето имот не е ништо ново во израелската армија. Повеќе израелски извештаи во текот на изминатите две години документираат широко распространети кражби во текот на војната во Појасот Газа, од 8 октомври 2023 година. Израелските војници, исто така, откриле за „Хаарец“ дека нивните колеги зеле големи количини цивилен имот од домови и од продавници во јужен Либан со знаење на воените команданти.

Израелската армија објави дека презела целосна контрола врз 55 села во јужен Либан, во рамките на она што го нарекува „жолта линија“, и дека им забранува на раселените жители да се враќаат, а на нишан се сите што се приближуваат до областа.

По објавата на текстот за пљачките, „Хаарец“ добил порака од резервист. Тој тврди дека бил сведок на кражба на златни прачки, иако израелската армија не знаела за тој конкретен случај. Сведоштвата опишуваат кражби на мотоцикли, телевизори, слики, софи и теписи во големи размери. Таа практика станала рутина. Се тврди дека и повисоките и пониските команданти на терен се свесни за овој феномен, но не преземаат дисциплински мерки за да го потиснат, а тој е најраспространет меѓу резервните војници.

Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, реагирајќи на претходен напис во „Хаарец“, нареди истрага на воената полиција за грабежите во јужен Либан, објави весникот.

– Тој, исто така, нареди засилување на силите на воената полиција на сите влезни и излезни точки по границата и темелни инспекции на секое возило што влегува и излегува од борбената зона – наведува „Хаарец“.

Израелската војска уби повеќе од 2.475 луѓе, рани речиси 7.700 и расели повеќе од 1,6 милиони луѓе во нападите низ Либан од 2 март.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави дека примирјето меѓу Израел и Либан што требаше да истече в недела, е продолжено за три недели, по состанок во Белата куќа на амбасадорите на двете земји. Состанокот се случи по еден ден откако во израелски напади на Либан беа убиени најмалку пет луѓе, меѓу кои и една новинарка. Претставници на Хезболах, организацијата поддржана од Иран што се бори против Израел, не учествуваа во разговорите. Тие изјавија дека Хезболах има „право да им се спротивстави“ на окупаторските сили. По состанокот во Белата куќа, Трамп рече дека постојат големи шанси Израел и Либан да постигнат мировен договор.

ИЗДВОЕНИ