Скопската Школка вечерва беше исполнета со музика, аплаузи и позитивна атмосфера на концертот организиран од Британската амбасада во соработка со македонската Армија по повод роденденот на Неговото Величество, кралот Чарлс Трети. На сцената настапија Нотингемширскиот оркестар на Кралските инженери од Обединетото Кралство и Воениот оркестар на Армијата на Македонија, кои пред присутните изведоа едночасовна програма.

Посетителите уживаа во разновиден музички репертоар инспириран од омилените музички избори на кралот Чарлс Трети. Меѓу изведбите се најдоа и хитови на легендарните „Spice Girls“,Adele, како и познати британски поп и рок композиции кои ја раздвижија публиката.
Посебен белег даде Воениот оркестар на македонската Армија, кој отсвири и неколку препознатливи македонски хитови.
Концертот помина во духот на пријателството, културната размена и долгогодишното партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство, а музиката уште еднаш покажа дека е универзален јазик што ги поврзува луѓето без разлика на границите. (П.А.)












