„Охрид може да блесне уште посветло“, со инвестиции што ќе овозможат подобро искуство за патниците и развој на туризмот, нагласи генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт на стартот на реконструкцијата на охридскиот аеродром. Тој истакна дека во текот на градежните активности, аеродромот ќе продолжи со функционалното работење за да се обезбеди безбедна и непрекината услуга на патниците. ТАВ инвестира 2,7 милиони евра во неколку клучни подобрувања на аеродромот и проширување на административната зграда, каде ќе има нов ресторан, нови канцеларии и паркинг за вработените. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека се во завршна фаза разговорите со странски туроператор кој треба да донесе значителен број вонсезонски гости, нагласувајќи дека „овие гости дневно трошат по 170 евра, што ќе донесе околу 180 милиони евра за регионот“. Вицепремиерот, Александар Николоски, посочи дека со проширувањето „ќе се создадат услови за повеќе патници и поголема поврзаност“, додавајќи дека целта е преку 4 милиони патници во наредните години.

Половина милион ноќевања од вонсезонски гости во Охридско-струшкиот Регион, оваа година очекува премиерот Христијан Мицкоски, кој на означувањето на почетокот на големата реконструкција и модернизација на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, најави дека веќе се разговара со, за домашната јавност, познат странски туроператор, со кој разговорите за склучување договор се во завршна фаза, а се преговара и со други туристички оператори.
– Овие гости што ќе ги носи овој туроператор, дневно трошат по 170 евра, што за целото охридско крајбрежје ќе донесе дополнителни 180 милиони евра. Тоа е можност за хотелиерите да го задржат персоналот и вонсезона, а паралелно работиме и на зголемување на хотелските капацитети. Ваквите проекти се додадена вредност на бројката на патници која, само минатата година, изнесуваше околу 3,5 милиони поминаа низ двата домашни аеродроми. Порастот на бројот на патници продолжи и во првите два месеца од годинава и тоа на скопскиот аеродром има 30 % зголемување, а на охридскиот за околу 20 %. Тоа се бројки кои се додадена вредност на македонската економија – истакна Мицкоски.
Реконструкцијата на аеродромот за Мицкоски е историски, не само за Охрид и за охридското крајбрежје, туку и за околните општини, Струга и Дебарца.
– Со оваа реконструкција се зголемуваат капацитетот и квалитетот на аеродромот. Се надевам дека сè ќе биде завршено во предвидениот рок. Заедно со автопатиштата што се градат кон охридското крајбрежје правиме сè да порасне потенцијалот на Охрид и на Струга за да бидат во фокусот на туристите – нагласи Мицкоски.
Реконструкцијата на аеродромот ќе биде прва од тој обем од неговото градење, ако не се смета проширувањето на пистата во 2011 година. Објектот, до скоро, беше нелегален и заедно со другата инфраструктура е впишан во Катастар. Проектот ќе обезбеди 4.500 квадратни метри функционален простор, поудобно, поефикасно и попријатно искуство за патниците, како и подобри услови за работа на персоналот, полицијата и царинската управа.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во својот говор истакна дека ова е значајна инвестиција во време кога Владата со своите политики сериозно го развива авиосообраќајот преку воведување 24 нови авиолинии, превезени преку 3, 3 милиони патници и крупни инфраструктурни проекти околу аеродромот.
– Почнува сериозна реконструкција, надградба и проширување на охридскиот аеродром. Ова се случува првпат откако е изграден аеродромот. Проектот треба да донесе 4.500 квадратни метри функционален простор, што е за околу 2.500 квадрати повеќе од постојниот. Тоа ќе значи можност за многу повеќе патници, нивно попријатно чувство кога ќе слетуваат и полетуваат од охридскиот аеродром, ќе значи и многу повеќе можност за туризам, за бизнис и поврзаност. Инвестицијата е во повеќе фази, едната е оваа што се гледа, но има и други, споредни. Се надевам дека во јули ќе можеме да ве поканиме тука, на свечено отворање и да имаме комплетно нова приказна со која заеднички ќе бидеме горди – истакна Николоски.
Тој истакна дека инвестицијата е во повеќе фази – едната е реконструкцијата на аеродромот, но рече дека постојат и многу споредни инвестиции. Тој рече дека активностите на М-НАВ се поврзани со сигурноста на небото и со контролата на летање.
– М-НАВ веќе инсталираше модерен радарски систем, а интензивно се работи и на скопскиот аеродром. Понатаму, изградбата на автопатот Охрид – Кичево, кој е дел од Kоридорот 8, можете да видите дека овој дел е веќе завршен и дека од Охрид буквално за пет минути се стига до аеродромот, а од Струга некаде за десетина минути. Големата клучка што се изгради тука зад нас, која ќе значи брз пристап кон аеродромот, што дополнително ќе значи многу, затоа што најчесто патниците кои патуваат гледаат колку се оддалечени аеродромите од местата до кои треба да стигнат – рече Николоски.
Тој потсети дека од доаѓањето на власт на оваа влада се отворени 24 нови дестинации од скопскиот и од охридскиот аеродром, претежно благодарение на владините субвенции.
– Исто толку е значајно и дека веќе почнуваат да се отвораат дестинации без субвенции, што значи дека политиката на Владата нè носи во ситуација авиокомпаниите да отвораат дестинации и без да бараат субвенција. Тоа многу зборува за развојот на авиосообраќајот, а најдобар доказ за тоа е дека минатата година, само на скопскиот аеродром, поминаа 3 милиони патници, или вкупно повеќе од 3 милиони и 350 илјади. Оваа година очекувам и повеќе од 3,5 милиони на двата аеродроми, а веќе следната година ќе целиме кон повеќе од 4 милиони патници на двата аеродроми, што многу ќе значи за целата држава. Со оглед на тоа дека сме држава од милион и осумстотини жители, оваа бројка е далеку над таа можност, затоа што државата нема излез на море, така што во вакви услови, двата аеродроми навистина имаат одличен перформанс – рече Николоски.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека во текот на градежните активности, аеродромот ќе продолжи со функционалното работење за да се обезбеди безбедна и непрекината услуга на патниците.
– Охрид е срцето на македонскиот туризам. Верувам дека може да блесне уште посветло, пречекувајќи што повеќе гости. ТАВ инвестира 2,7 милиони евра во неколку клучни подобрувања на аеродромот: проширување на оперативниот капацитет на патничкиот терминал и на капацитетот на шалтерите за регистрација на багаж и патници, проширување на зоната за безбедносна контрола, ќе се прошири административната зграда, ќе има нов ресторан, нови канцеларии за Граничната полиција и Царинската управа и паркинг за вработените – рече Курт.
Од вчера почна и летниот распоред на летови од двата домашни аеродроми. Од аеродромот „Св. Апостол Павле“ ќе летаат осум авиокомпании до 17 дестинации, од кои 14 се редовни дестинации преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер-летови.
По воведувањето на новата авиолинија од Охрид до Милано, која започна вчера од 15.30 часот, во јуни „Визер“ ќе почне да лета и од Вроцлав и Катовице до Охрид. Од 17 мај, „Аустриан ерлајнс“ ќе почне со комерцијални летови од Охрид до Виена. Претходно овој месец, на 17 март, „Визер“ веќе започна да лета од Охрид до Братислава. Од Скопје, пак, од денеска се воспоставува линијата до Будимпешта.
– Очекувам двоцифрен пораст на бројот на патници во 2026 година и ќе продолжиме со нови авиоврски од двата аеродрома – рече Курт.
(С. Бл.)












