– Зад нас се четириесет дена исполнети со врвна уметност, прекрасни концерти, силни емоции и публика што беше најголемиот успех на ова фестивалско издание. Особено ме радува што беше огромен интересот уште од самиот почеток, а голем број настани беа распродадени и пред да се одржат. Тоа е најубавата потврда дека публиката го препознава квалитетот што го понудивме на ова 66. „Охридско лето“. Она што ќе го паметиме навистина се полните гледалишта, долгите аплаузи, емоцијата на публиката и незаборавните уметнички вечери – вели Ѓорѓи Цуцковски, директор на „Охридско лето“

 

Со маестрална изведба на мјузиклот „Као какао“, кој привлече рекорден број публика во Долни Сарај, вчеравечер беше спуштена завесата на годинашново 66. издание на најголемата меѓународна културна манифестација во државата, „Охридско лето“. Над 2.000 присутни имаа можност да уживаат во спектакуларното затворање на фестивалот со претставата во режија на извонредниот Дејан Пројковски, по музика на нашиот врвен гитарист, Влатко Стефановски, и по текст на познатиот македонски писател, Венко Андоновски, а во бравурозна изведба на  ансамблот на Македонскиот народен театар.

„Охридско лето“ и годинава понуди четириесет дена  музика, театар, балет и џез, со што ја потврди својата позиција како еден од најзначајните културни настани во земјава и препознатлива европска фестивалска сцена. Шеесет и шестото издание донесе исклучително богата програма со 48 фестивалски настани, над 700 врвни уметници од 24 земји, полни концертни простори и публика што, со своето присуство и со аплаузите, покажа дека Охрид повторно живее со уметноста.

Од свеченото отворање со грандиозната оперска гала-вечер насловена „Љубов“ до завршните фестивалски денови, сцените на „Охридско лето“ беа места на средби на врвни домашни и странски уметници и на бројната публика. Особено силен впечаток остави свеченото отворање во Античкиот театар, каде што светската оперска ѕвезда, Ермонела Јахо, и тенорот Чарлс Кастроново, во придружба на оркестарот на Националната опера и балет и под диригентската палка на Марко Боеми, приредија спектакуларна музичка вечер. Интересот за концертот беше огромен, настанот беше распродаден уште две недели пред почетокот на фестивалот, а во Античкиот театар присуствуваа повеќе од 4.000 посетители.

Но, рекордната посетеност не остана само белег на отворањето. И голем број други фестивалски настани беа распродадени уште пред нивното одржување, што е уште една потврда за огромниот интерес на публиката. Во текот на целиот фестивал се бараше билет повеќе, а преполните простори на фестивалските локации ја потврдија довербата што ја има публиката во „Охридско лето“ и во неговата уметничка програма.

– Зад нас се четириесет дена исполнети со врвна уметност, прекрасни концерти, силни емоции и публика што беше најголемиот успех на ова фестивалско издание. Особено ме радува што беше огромен интересот уште од самиот почеток, а голем број настани беа распродадени и пред да се одржат. Тоа е најубавата потврда дека публиката го препознава квалитетот што го понудивме на ова 66. „Охридско лето“. Она што ќе го паметиме навистина се полните гледалишта, долгите аплаузи, емоцијата на публиката и незаборавните уметнички вечери – вели Ѓорѓи Цуцковски, директор на „Охридско лето“.

Во изминатите 40 дена, Охрид беше домаќин на уметници со исклучителна кариера и препознатливи имиња од светската и од европската културна сцена. Концертите донесоа различна музичка естетика, од врвна класична музика и опера, преку камерни настапи, до современи музички форми, со што им беа понудени на посетителите разновидност, квалитет и незаборавни уметнички доживувања.

Посебно место во програмата имаше OH, JAZZ 2026, со четири џез-вечери, кои го збогатија фестивалскиот репертоар и донесоа современ звук и светски познати имиња. Публиката имаше можност да ги слушне и уметниците како Нубаја Гарсија и Питер Сомуа, во атмосфера што уште еднаш покажа дека „Охридско лето“ успешно ги поврзува традицијата и современите уметнички текови.

Фестивалот не беше само музика. Театарската програма понуди внимателно избрани претстави, а балетската вечер со „Кармен свита“ и „Болеро“ внесе раскош, движење и визуелна динамика на фестивалската сцена. Во „Света Софија“ се одржаа и низа исклучителни камерни и вокално-инструментални концерти, меѓу кои и незаборавните вечери посветени на европската и на светската музичка традиција.

Значаен дел од фестивалската програма беа и настаните посветени на македонското културно наследство. Со особено внимание беше одбележана 100-годишнината од раѓањето на Ана Липша-Тофовиќ, преку промоција на монографијата посветена на нејзиниот живот и на нејзиното творештво. Таквите содржини ја потврдија определбата на „Охридско лето“ истовремено да го следи современиот уметнички развој и да ги чува и афирмира големите имиња на македонската култура.

Посебна музичка приказна и рекордна посетеност на сцените предворјето на „Света Софија“ и Долни Сарај донесоа концертите на Стефан Миленковиќ, Ана и Игор Дурловски и на Националниот џез-оркестар.

Низ целиот фестивал се чувствуваше една заедничка енергија со задоволна публика, исполнети простори и долги аплаузи. Токму реакциите на посетителите беа најсилниот печат на годинашното издание. За многумина, концертите, претставите и фестивалските вечери не беа само културни настани туку и вистинско доживување што ќе остане запаметено.

– Овој успех е резултат на посветената работа на целиот фестивалски тим, но и на довербата и поддршката од Министерството за култура и туризам, нашите партнери, спонзори и пријатели и, секако, од генералниот спонзор на фестивалот, „А1 Македонија“, чија поддршка и оваа година беше значаен дел од фестивалската приказна. Им благодарам на уметниците што ја создадоа магијата, на тимот што неуморно работеше да стигне таа магија до публиката и, пред сè, на публиката што со своето присуство покажа дека културата има сила да обединува, да инспирира и да создава незаборавни моменти. „Охридско лето“ продолжува со уште поголема одговорност, уште повисоки стандарди и со јасна цел: оваа македонска културна визит-карта да биде уште посилна и повидлива во светот – додава Цуцковски.

Годинашново издание на „Охридско лето“ остава зад себе 40 дена исполнети со врвна уметност, незаборавни средби и силни емоции. Остануваат спомените од прекрасните фестивалски вечери, аплаузите и енергијата на публиката, како и уверувањето дека „Охридско лето“ и понатаму ќе биде место каде што се среќаваат највисоките уметнички вредности со публиката во единствениот охридски амбиент.

ИЗДВОЕНИ