Програмата збогатена со два традиционални обичаи: „Китење на ситото“ и „Замесување на сваќата“! „Галичка свадба“, една од најавтентичните културни, но и забавни манифестации во Македонија и пошироко, влегува официјално во ризницата на светските настани. Таа е богатство на македонскиот народ. Во текот на тридневната разновидна програма, сите што ќе дојдат ќе бидат сведоци на мошне интересна народна веселба, исполнета со сите адети. Организатор е Месната заедница Галичник.
Така што од 10 до 12 јули, живописниот Галичник повторно ќе биде домаќин на една од најпрепознатливите и најавтентични културни манифестации во Македонија. Илјадници посетители од земјава и странство и годинава ќе имаат можност да бидат дел од единственото доживување што го нуди оваа вековна традиција. Таа е исполнета со свадбарски обичаи, автентични носии, изворни песни и ора кои претставуваат живо сведоштво за богатото културно наследство на мијачкиот крај.
Во центарот на вниманието на годинешната свадба ќе бидат галичките младоженци, Александар Пендароски и Мартина Михајлова.
Нивниот избор носи и посебна симболика, бидејќи годинава се навршуваат 35 години од првата современа Галичка свадба одржана во 1991 година, кога биле венчани родителите на Александар. На тој начин, нивното учество претставува продолжување на едно семејно наследство и силна поврзаност со Галичник, обичаи и традиција.
-На нашите драги младоженци, Александар и Мартина, им посакувам заедно да создадат живот исполнет со љубов, разбирање, насмевки и убави спомени. Нека ова биде само првото големо „На здравје!“ во нивниот долг и среќен заеднички живот , изјави Огњен Лазиќ, генерален директор на Пивара Скопје. Toj ги покани сите љубители на традицијата и културата од 10 до 12 јули. Организатор на манифестацијат Месната заедница „Галичник“, чиј претседател Огнен Караѓозовски истакнува дека интересот за учество во Галичка свадба продолжува да расте. Особено нè радува што годинава ќе ја збогатиме програмата и со два традиционални обичаи – „Китење на ситото“ и „Замесување на сваќата“, со што на посетителите ќе им овозможиме уште поавтентично да ја доживеат богатата галичка свадбена традиција, изјави Караѓозовски. -За мене ова не е само свадба, туку продолжување на една семејна приказна и врска со Галичник која трае со генерации, изјави Александар Пендароски, галички младоженец. -Галичка свадба е чувство што тешко може да се опише со зборови. Тоа е чест, одговорност и привилегија да се биде дел од традиција која опстојува со векови, изјави Мартина Михајлова, галичка невеста.
Генерален покровител на “Галичка свадба 2026“ е претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а Министерството за култура и туризам и годинава обезбедува институционална поддршка за одржувањето на манифестацијата, заедно со голем број компании и пријатели на Галичник, подразбирајќи ги и медиумите.












