Со серија прашања до претседателката на Комората за приватно обезбедување, Верица Милевска-Стефановска, обвинителството на продолжението на судењето за пожарот во „Пулс“ се обиде да ја зацврсти тезата дека пропустите во обезбедувањето имале голема улога во трагедијата. Едно од клучните прашања беше и тоа за договорот меѓу агенцијата и објектот. Сведокот беше децидна:„Законот предвидува задолжителен писмен договор… Станува збор за писмен договор.“ На дополнително прашање што ако таков договор не постои, таа одговори: „Тогаш тој е ништовен.“ Со ова обвинителството практично ја поткрепува својата теза дека агенцијата што го обезбедувала „Пулс“ работела надвор од законските рамки, бидејќи, според обвинението, договор воопшто не бил склучен.
Следниот сегмент од испрашувањето се однесуваше на организацијата на обезбедувањето при настани со поголем број посетители. Сведокот потврди дека во такви случаи се изготвува план за обезбедување, особено кога се ангажирани повеќе лица. Овој дел директно се надоврзува на обвинението дека во дискотеката не бил изготвен план, иако објектот бил преполн.
Обвинителството понатаму го насочи сведочењето кон обврските на обезбедувањето при влез на посетители – особено во однос на малолетници и безбедносни проверки. „Доколку има јасно истакната забрана за малолетници, обезбедувањето е должно да реагира и да го извести сопственикот“, рече Милевска-Стефановска. Овој одговор се вклопува во наводите од обвинението дека обезбедувачите не извршиле проверка на возраст, ниту спречиле влез на малолетни лица во објектот.
Сведокот појасни дека обезбедувањето има овластување да врши контрола и да реагира при сомнителни ситуации: „Ако забележат нешто сомнително треба да реагираат и да го известат сопственикот на објектот.“
Со ова, обвинителството индиректно ја поврзува одговорноста на обезбедувањето со фактот дека не бил спречен внесот на пиротехнички средства – што, според истрагата, е директната причина за пожарот. Во текот на испрашувањето, обвинителите отворија и прашања за организациската поставеност на агенцијата – број на вработени, лиценци и надзор. Сведокот појасни дека за физичко обезбедување се потребни минимум 15 лиценцирани лица, како и дека агенцијата има обврска да врши контрола и надзор врз своите вработени. Ова се поклопува со обвинението дека во критичната ноќ бил ангажиран и работник без лиценца, како и дека не бил вршен соодветен надзор. Дополнително, сведокот нагласи дека при обезбедување мора да се направи увид во објектот и да се знае каква услуга се дава – техничка или физичка. „Кога се дава обезбедување, мора да знаете за каков објект станува збор“, рече таа. И овој дел оди во прилог на обвинителството, кое тврди дека не била направена безбедносна проценка, ниту проверка на условите за евакуација.
Одбраната, пак, се обиде да го релативизира исказот, оценувајќи дека прашањата се општи и не се однесуваат директно на конкретниот настан. Во вкрстеното испрашување, сведокот посочи дека обуката на обезбедувачите не опфаќа пиротехнички средства, како и дека угостителските објекти не се експлицитно наведени како објекти за кои е задолжително обезбедување.
Сведочеа и вработени во ДЗС околу потребните документи кои треба угостителите да ги обезбедат и достават до подрачната единица. На минатите рочишта од дел од бранителите беше кажано дека во Кочани сеуште нема назначено инспектор од ДЗС.
ЈО смета дека Папазов треба да остане во домашен притвор
ЈО смета дека на поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, не треба да му биде заменет куќниот притвор со мерки за претпазливост, како што пред неколку рочишта побара неговата одбрана.
„ЈО во оваа фаза од постапката смета дека нема околности поради кои може да се укине мерката куќен притвор и да се замени со мерки за претпазливост. Затоа Обвинителството смета дека треба да се одбие барањето за замена на куќниот притвор со мерки за претпазливост”, рече обвинителот Борче Јанев. Судијката Груевска-Илиевска рече дека по однос на барањето, Судот ќе се произнесе на наредното рочиште. Инаку, Папазов со полициска придружба беше спроведен во судницата во „Идризово“. Тој беше градоначалникот во чиј мандат се случи пожарот во „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.












