Владата постигнува најдобри резултати таму каде што постојат јасни закони, буџетска поддршка и мерливи индикатори, како во образованието. Спротивно на тоа, најголемиот застој е во областите со сложени структурни реформи, како родовата еднаквост, социјалните политики и делови од здравствениот систем, покажуваат податоците од надградената мониторинг-рамка КОМПАС, која системски ја следи реализацијата на владините ветувања за периодот 2024–2028, која ја изработи „Фајнанс тинк“ во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Македонското лекарско друштво – Здружение за интерсекторска соработка и Младинскиот образовен форум.

Платформата следи 142 ветувања распределени во пет области: економија и социјални политики, образование, здравство, млади и родова еднаквост.

– Речиси половина од ветувањата (48 %) имаат некаков напредок – 18 % се целосно реализирани, а 30 % се во насока на исполнување. Сепак, 39 % сè уште не покажуваат напредок, 6 % се движат во спротивна насока, а 7 % немаат доволно податоци за процена. Најголема слабост на вкупно ниво е длабоката нерамнотежа меѓу секторите – од силни резултати во образованието до речиси целосна стагнација во родовата еднаквост.

Образованието е јасен лидер со 32 % целосно исполнети ветувања и 58 % ветувања во насока на реализација. Напредокот е поттикнат од стабилно финансирање, функционална законска рамка и јасни индикатори. Највидливи резултати се постигнати во проширувањето на дуалното образование (раст од 560 на 875 компании), зголемената инклузија и поддршка за учениците со попреченост, значајните инфраструктурни инвестиции во училиштата и во студентските домови. И покрај напредокот, реформата на високото образование останува блокирана, а финансирањето за науката и понатаму е далеку под целта од 1 % од БДП.

Здравствениот сектор бележи умерени резултати, главно во кадровската стабилизација и подобрувањето на пристапот до услуги. Има напредок во вработувањето здравствени работници со договори на дело, зголемувањето на капитацискиот бод за матичните лекари, проширувањето на позитивната листа на лекови, како и во подобрувањето на условите за ин витро процедури. Сепак, системските реформи како дигитализација, намалување на листите на чекање и реорганизација на болничкиот систем остануваат во застој.

Во политиките за млади има институционално поместување, како воведување ваучери за студентите и активирање на програмата „Купи куќа за млади“. Сепак, структурните проблеми остануваат, затоа што и натаму има пад на младинската вработеност, отсуство на обука за дигитални вештини во 2025, недоволен број младински центри (14 од планирани 42), неисполнување клучни мерки како скратено работно време за студентите.

Родовата еднаквост останува најслабата област, со ниту едно исполнето или започнато ветување втора година по ред. Ова претставува најизразен институционален застој во целиот мониторинг.

Иако макроекономските индикатори покажуваат стабилност (раст на БДП, намалување на невработеноста, стабилен банкарски сектор), социоекономските политики значително заостануваат. Проблематичните области се: инфлација над целното ниво (4,1 %), пад на странските инвестиции, зголемување на сивата економија, бавно спроведување на формализацијата на трудот.

Дополнително, социјалните политики и капиталните инвестиции континуирано заостануваат зад планираните цели, додека дел од ветувањата, особено за ИТ-секторот и фриленсерите, остануваат нереализирани.

 

 

ИЗДВОЕНИ