Алармантно истражување за нивото на жива во конзервираната туна доаѓа од Франција, што дава нов импулс на дебатата за безбедноста на храната во Европа, пишува Euronews.
Невладината организација Блум по случаен избор тестирала 148 лименки туна од пет европски земји и во сите била откриена висока концентрација на жива. Секоја десетта лименка ја надминува дозволената граница за свежа туна. Некои примероци содржеле нивоа четири пати повисоки од дозволениот праг.
Главен автор на истражувањето е биохемичарката Џули Гутерман (25). Тука не се работи само за примероците на туна кои Блум ги анализирал во надворешна лабораторија. Гутерман ги пребарала документите на ФАО, СЗО и ЕУ од 1960-тите за да открие како воопшто е поставена границата од 1 милиграм жива по килограм. Таа заклучи дека праговите ги поставуваат јавните органи во договор со лобито за туна.
„Јавните служби го набљудуваа нивото на контаминација со жива кај туната и поставија регулативи на тоа ниво. Со други зборови, тие поставија максимално ниво на жива во туната што ќе им овозможи да ги продадат сите залихи на туна, кои се силно контаминирани со жива, но не и за да го заштитат јавното здравје“, рече Гутерман.
“Да им се дозволи на луѓето да веруваат дека консумирањето туна е безбедно од здравствена гледна точка е непростлива лага со сериозни последици. Живата е моќен невротоксин кој се врзува за мозокот и е многу тешко да се ослободи од него. Ова е многу добро познато. Ние сега сакаме да го внесеме во францускиот закон што ќе важи за туната најстрогиот постоечки стандард што го користиме за други риби, а потоа да ја браниме оваа мерка со Европската комисија“, тврди таа.
Организацијата Блум ги здружи силите со друга француска невладина организација, Foodwatch, за да започне кампања за притисок врз националните и европските власти да ги променат сегашните правила.
Може ли истрагата на Блум да доведе до построги европски мерки за храна како туната? За коментар е контактиран портпаролот на ЕУ за здравје и безбедност на храна. Тој одговори на прашањето дали ЕУ има намера да ги намали границите на жива во туната од 1 милиграм за килограм на 0,3.
„Тестиравме 25 видови риби во 2022 година, не туна, туку сите врз основа на „разумна, достижна граница““, објасни портпаролот на ЕУ за здравје и безбедност на храна, Стефан де Керсмакер.
– Ако ги поставите нивоата премногу ниски, постои ризик целата уловена риба да стане неупотреблива за консумирање. Значи, мора да најдете рамнотежа помеѓу заштитата на потрошувачите од внесување загадувачи. Од друга страна, исто така треба да се погрижите синџирот на снабдување со таа риба да остане достапен на пазарот, изјави тој за Еуроњуз.
Тој ги негираше тврдењата дека станува збор за заштита на пазарот под притисок на лобито за туна.
Светската здравствена организација (СЗО) смета дека живата е една од десетте хемиски супстанци на јавното здравје во светот, на исто ниво со азбестот и арсенот и дека овој невротоксин може да има сериозни последици врз човечкото тело.
За потсетување, туната е рибата која најмногу се консумира во Европа и е една од најзагадените со жива.