Од девет понудени решенија, избрана е траса пократка за 35 километри, што, според вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, нема да ги загрози планираните хидроцентрали покрај реката Вардар, односно не е во судир со проектот „Вардарска Долина“. Тој  уверува дека при проектирањето ќе се води сметка за заштитата на идните хидротехнички објекти и дека ќе остане можноста за реализација на предвидените енергетски капацитети. Од здружението „Инженери на Македонија“, пак, предупредуваат дека во тесниот коридор покрај Вардар тешко може истовремено да егзистираат железница, автопат и хидроцентрали. Николоски најавува дека по завршувањето на геотехничките и еколошките анализи, изградбата би требало да финишира до 2031 година 

Владата не се откажува од природните придобивки од проектот „Вардарска Долина“, а и ќе се гради брзата двоколосечна пруга од Табановце до Гевгелија. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, вели дека од девет понудени решенија, веќе е избрана најдобрата траса, која ќе биде за 35 километри пократка од сегашната пруга, која во најголем дел го следи текот на реката Вардар и со неа нема да биде засегната реализацијата на предвидените мали хидроцентрали.

– Тимовите со кои работиме и врвните светски компании препорачани од Велика Британија понудија девет маршрути и од нив се избра една, која е најдобра. Може да замислите со која сериозност се пристапува кога се нудат девет маршрути, девет решенија и потоа, врз основа на тоа, се прави анализа која е најдобрата и се избира една – посочи Николоски.

Тој потенцираше дека со предложената траса, проектот „Вардарска Долина“ на ниту еден начин нема да биде засегнат и ќе може оваа или некоја идна влада да ги реализира предвидените хидроцентрали доколку е исплатливо тоа.

Пред една година, откако беше обелоденет проектот за брзата пруга, од здружението „Инженери на Македонија“ неколку пати се изјаснија дека не може на еден тесен коридор да егзистираат стара пруга (сега два колосека на брза пруга), автопат и изградба на хидротехнички објекти во коритото на реката Вардар. Сепак, оттаму потсетија дека од Владата се изјаснија дека со брзата пруга нема да има никакви закани за објектите од А-категорија (според ФИДИК-прописите), како што се браните и хидроцентралите и дека при проектирањето, ќе се води сметка тие да бидат избегнати, заштитени и нема да бидат загрозени.

Владата го почна проектот за брзата пруга минатата есен. Николоски вели дека се работи на најбитниот дел во еден проект, кој е најмалку атрактивен за јавноста, а тоа е делот што значи добро планирање, геотехнички истражувања, но се вршат и истражувања за влијанието врз животната средина, како и за влијанието во средината каде што живеат луѓето, за археолошки наоѓалишта …

– Ако не направите добар план, ќе ви се случи Охрид – Кичево. И затоа го правиме овој план, рокот е некаде околу една година, за потоа, кога ќе ги видиме првите багери на терен, она што е видливо за граѓаните, навистина да заврши проектот за пет години. Така што рокот што првично го дадовме, 2031 година, останува и во 2031 година ќе имаме брза пруга од границата со Србија до границата со Грција, двоколосечно – рече Николоски.

За брзата пруга истакна дека ќе чини околу 10 милиони евра од километар и додаде дека новата траса, која не се совпаѓања со постојната пруга, ќе биде пократка од неа.

– Цената за километар треба да е нешто под 10 милиони евра, што е релативно компетитивно, имајќи предвид дека се работи за дупла двоколосечна пруга, што значи дека целиот проект треба да чини околу 2 милијарди евра. Сегашната пруга од границата со Србија до границата со Грција е 235 километри, но новата, затоа што ќе користи една доста поправа линија, ќе е нешто под 200 километри – рече Николоски.

Нагласи дека се работи многу сериозно и истакна дека на грчка страна, од Атина до Солун има брза пруга, а во моментов има распишано тендер за изградба на брза пруга од Солун до границата со Македонија. На српска страна, како што кажа, веќе ја пуштиле во функција Белград – Будимпешта како брза пруга, во моментов се работи Белград – Ниш и се работи на изнаоѓање средства за делот од Ниш до Скопје.

Во моментов, на терен има едноколосечна пруга изгардена пред 150 години, од страна на Отоманската Империја, и тоа на десниот брег од реката Вардар. По Втората светска војна, во 1954 година, во времето на СФРЈ, била изработена првата водостопанска основа на Р Македонија, каде што се дефинираат два капитални објекти: ХЕЦ „Градец“ и ХЕ „Велес“, кои не може да се реализираат поради постоењето на пругата. Во периодот на шеесеттите години, поточно 1960-1964 година, бил направен автопатот „Братство – единство“ на левиот брег од реката, кој ги почитува котите на акумулациите за хидроелектраните. Во 2000 година бил изработен и усвоен интегралниот проект „Вардарска Долина“, кој предвидува изградба на 12 хидроелектрани.

Пет нови дестинации преку македонските аеродроми ова лето

Пет нови дестинации ќе бидат отворени ова лето, што, според вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, само покажува дека Македонија бележи раст во авиосообраќајот и покрај кризата со која се соочува глобалната авиоиндустрија. Во таа насока, тој посочи дека државата останува подготвена за соработка со сите авиокомпании, но нема да прифати услови што би биле на штета на другите превозници и на државните интереси.

– Даваме субвенција од 9 евра за секој странски патник на скопскиот аеродром и 12 евра за охридскиот. Ако сакаат да учествуваат, вратата е отворена. Но, не можеме да прифатиме уцени и барања за повисоки субвенции само за една компанија – истакна Николоски.

Тој најави дека „Аустријан ерлајнс“ ќе воспостави директна линија Виена – Охрид, а во јуни ќе почнат и летовите од Краков и од Вроцлав кон Охрид. Дополнително, од скопскиот аеродром ќе се воведат две нови, летни дестинации: Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија. Министерот информираше и дека компанијата „Визер“ ќе го стационира седмиот авион на скопскиот аеродром и дека таа ја разгледува можноста за воспоставување база на охридскиот аеродром.

(С. Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ