Новиот поглавар на Римокатоличката црква го одржа својот прв говор: „Бог нè сака сите, безусловно“/видео

50
Фото: EPA-EFE/ALESSANDRO DI MEO

Новиот поглавар на Католичката црква, папата Лав Четиринаесетти, вечерва се појави на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“ и го одржа својот прв говор по неговиот избор пред десетици илјади собрани верници.

„Мир со сите вас“

Во своето прво обраќање до верниците, 69-годишниот папа Лав Четиринаесетти, роден во Чикаго, започна со зборовите: „Мир со сите вас. Браќа и сестри, ова е првиот поздрав од воскреснатиот Христос. Би сакал да упатам поздрав на мир што ќе стигне до вашите семејства, до сите вас, каде и да сте. Нека биде мир со вас.“

Тој го одржа својот говор на италијански јазик, а толпата го поздрави со громогласен аплауз и извици.

„Да си помагаме едни на други да градиме мостови“

Потоа папата продолжи со порака за љубов и единство, велејќи дека „Бог нè сака сите, безусловно“. Му се заблагодари на својот претходник, папата Франциск, и ја изрази својата желба, како и тој, да им го даде својот благослов на верниците на плоштадот „Свети Петар“.

„На човештвото му е потребен Христос како мост кон Бога и неговата љубов. Помогнете ни, и да си помагаме едни на други, за да градиме мостови“, рече новиот папа.

Благодарност до кардиналите и епархијата во Перу

Потоа, Лав Четирнаесетти им се заблагодари на кардиналите кои го избраа на дводневниот конклав и упати посебен поздрав до Црквата во Рим.

„Заедно можеме да одиме кон татковината што Бог ни ја подготвил“, рече тој.

Потоа се префрли на шпански јазик и ѝ се заблагодари на својата поранешна епархија во Перу, „каде што верниот народ ја сподели својата вера и даде многу“.

Заедничка молитва и благослов

Во последниот дел од својот говор, папата ги покани верниците заедно да се молат на Дева Марија, а плоштадот повторно одекнуваше со ентузијазам.

По молитвата, тој прочита пасус од светиот текст на латински во чест на светците и Дева Марија.

Конечно, папата Лав Четиринаесетти повторно ја благослови толпата и им мавна на толпата што речиси целосно го исполни плоштадот „Свети Петар“

. Музиката од оркестарот на Карабињерите свиреше во позадина, а прославата продолжи додека новиот папа стоеше на балконот.

ИЗДВОЕНИ