сабота, октомври 10, 2026
Дома МАГАЗИН Американската осуденичка на смртна казна Криста Пајк пуштена од болница по неуспешен...

Американската осуденичка на смртна казна Криста Пајк пуштена од болница по неуспешен обид за погубување

0

Американската осуденичка на смртна казна, Криста Пајк, е пуштена од болница по неуспешниот обид за погубување кон крајот на минатиот месец, соопштија нејзините адвокати.

Педесетгодишната осудена убијка е вратена во затворот каде што ги поминала последните 30 години, се наведува во соопштението на нејзините адвокати од саботата, пренесува „Би-би-си“.

Таа продолжува да добива медицинска нега во рамките на затворот.

Пајк преживеа две дози смртоносна инјекција со пентобарбитал на 30 септември, по што се наоѓаше во критична состојба.

Претходно оваа недела, таа се освести и почна да зборува – развој на настаните што ги вчудовиди експертите, медицинскиот персонал и нејзините адвокати.

Откако преживеа две смртоносни инјекции, Пајк изгуби свест и беше пренесена во локална болница.

Со денови, нејзиниот правен тим веруваше дека таа е мозочно мртва и очекуваше дека апаратите за одржување во живот ќе бидат исклучени во секој момент.

На крајот, таа се разбуди и повторно почна да зборува во вторникот. Нејзиниот адвокат, Ренди Спајви, изјави дека нејзините први зборови биле:

„Каде сум?“ и „Кој сте вие?“

На прес-конференцијата во средата, нејзините адвокати изјавија дека таа била врзана со лисици за креветот, боледувала од пневмонија, имала значително отекување на рацете и не можела да голта. „Не знаеме какво влијание ќе има сето ова“ врз нејзиното ментално здравје, рече тогаш Спајви, истакнувајќи дека таа се чувствувала „луто и збунето“.

Нејасно е каква медицинска нега добива Пајк по враќањето во затворот, но нејзините адвокати претходно изјавија дека ја очекува „долг пат до закрепнување“.

„Таа им е благодарна на екипите за итна помош и на нејзиниот медицински тим за грижата што ја пружија во овие вонредни околности“, наведоа нејзините адвокати во соопштението.

Случајот на Пајк сега навлегува во непозната правна територија, бидејќи се верува дека таа е единствената личност што преживеала обид за погубување со смртоносна инјекција.

На судското рочиште во средата, помошникот на јавниот обвинител на Тенеси, Вил Ајерс, му рече на судијата дека не знае дали државата има намера повторно да се обиде да ја погуби. Судијата исто така ѝ наложи на државата Тенеси да ги зачува сите докази поврзани со неуспешниот обид за извршување на смртната казна со инјекција. Тие докази би можеле да послужат како основа за идна тужба против државата.

Пајк имала 18 години кога таа и нејзиното тогашно момче, Тадарел Шип, ја претепале, мачеле и убиле 19-годишната Колин Слемер, со која се запознале во камп за стручна обука наменет за млади луѓе од семејства со ниски приходи.

ИЗДВОЕНИ