На Универзитетот во Павија, Италија, се одржа промоција на нова книга на режисерот Милчо Манчевски со наслов „Манчевски: Фикција и нефикција“. Издавач е римската куќа „Кју прес“, во едиција со томови од и за Самјуел Бекет, Федерико Фелини, Марко Ферери… Уредник на изданието е младиот италијански писател и публицист Лудовико Кантисани, а воведот го напиша легендарниот директор на Венецискиот филмски фестивал Алберто Барбера.
„Манчевски: Фикција и нефикција“ содржи поезија и проза од Манчевски, негови теоретски размислувања за природата на уметничкиот процес, серија длабински италијански интервјуа со него и сеопфатна уметничка биографија и анализа на опусот. Покрај тоа што претставува своевиден водич низ досегашното филмско и уметничко творештво на реномираниот македонски режисер, овој кардинален опус ги истражува и границите меѓу фикцијата и документарниот израз, еден од централните дискурси во творештвото и истражувањето на Манчевски.
На промоцијата се обрати и самиот автор, кој одговараше на прашања од публиката, од гости на Меѓународниот филмски фестивал во Павија, од филмски работници и од деканот на колеџот.

Приредувачот Лудовико Кантисани вели:
„Книгата нуди длабинско истражување на креативното и интелектуалното патување на еден од најголемите европски филмски автори. Манчевски припаѓа на онаа мала група режисери, кои покрај тоа што ги пишуваат сопствените филмови, умеат да формулираат оригинална и убедлива теорија за филмот, ставајќи го во центарот на своето истражување амбивалентниот однос меѓу вистината и фикцијата. Интервјуата и биографските материјали реконструираат извонредна кариера обележана со предизвици и иновации, откривајќи како Манчевски доследно ги преточувал своите теоретски принципи во филмска практика. Книгата, исто така, нуди увид во експерименталните, а понекогаш и лирски темели на неговото раскажување приказни. Со тоа, таа го проширува опсегот на ова издание надвор од самиот филм, претворајќи го во поширока рефлексија за наратологијата и за јазичните предизвици на уметничкото изразување.”
Претставувањето на книгата се случи во големата Аула на Колеџот Каироли при Универзитетот во Павија кој постои уште од 1781, познат како „Универзитетски колеџ на заслуги“, центар на академскиот и културниот живот во градот. Аулата се покажа како идеална сцена за претставување на ова капитално дело.
Книгата на Манчевски ќе биде промовирана и во Рим и Пезаро.












