недела, август 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Нова катна гаража кај зградата „Промаја“

Нова катна гаража кај зградата „Промаја“

1

Штип доби уште една катна гаража во централното градско подрачје. Изграден е објектот кај зградата „Промаја“, кој е на три нивоа и има капацитет за 50 возила.

Со тоа, во центарот на Штип веќе функционираат три катни гаражи, со што се зголемува бројот на паркинг-места во најфреквентниот дел од градот. Новата гаража е изградена на простор што претходно бил запуштен и служел како мала депонија.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, вели дека конфигурацијата на теренот овозможила да се изгради гаража на три нивоа на оваа локација.

– Инвестицијата изнесува над 20 милиони денари, односно околу 330.000 евра. Општина Штип планира до крајот на годинава да почне и со изградба на уште една катна гаража со 90 паркинг-места. Таа би се градела кај стариот Здравствен дом или зад административната зграда на Општина Штип – најави Јорданов.

Со изградбата на уште една катна гаража, централното градско подрачје би располагало со повеќе од 300 паркинг-места само во катните гаражи.

Недостигот на паркинг-простор во центарот се ублажува и со платформите кај реката Отиња. Досега се изградени три платформи со капацитет за 130 возила. Дополнително, на главните штипски улици, кои претежно се еднонасочни, има повеќе од 1.000 паркинг-места. Со катните гаражи, платформите и со уличното паркирање, Штип наскоро би требало да располага со повеќе од 1.400 паркинг-места.

Со системот за паркирање во градот стопанисува ЈП „Стипион“. Паркирањето на платформите кај Отиња чини 40 денари од еден час, додека во катните гаражи и на улиците цената е 30 денари од час.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ