вторник, октомври 13, 2026
Дома СВЕТ Нов удар за Мерц: Се повлекува клучна министерка во владата

Нов удар за Мерц: Се повлекува клучна министерка во владата

90
EPA/HANNIBAL HANSCHKE

Бербел Бас, германската министерка за труд и социјални прашања и копретседавач на Социјалдемократската партија (СПД), во понеделникот поднесе оставка од двете функции. Како причини за својата одлука таа ги наведе смртта на нејзината поќерка и сè пожестоките политички напади – вклучително и критиките од коалициските партнери. Нејзиното заминување дополнително ја разниша владата на канцеларот Фридрих Мерц, која веќе се соочува со пад на популарноста и внатрешни несогласувања околу економските и социјалните реформи.

Германската влада се соочува со нови политички проблеми откако Бербел Бас, министерката за труд и социјални прашања и истакната личност во СПД, објави дека се повлекува од двете функции. Во изјава, Бас објасни дека по смртта на нејзината поќерка, треба да му се посвети на семејството и да се соочи со загубата.

„По смртта на мојата поќерка, сфатив дека ми треба време за да се справам со тагата“, рече таа, без да даде дополнителни детали за семејната трагедија.

Истовремено, таа укажа на сè почестите јавни напади со кои се соочуваше, вклучително и критиките од политичари во рамките на конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ, кој владее заедно со СПД во администрацијата на канцеларот Фридрих Мерц.

Во последните недели, Бас беше на удар на критики поради доцнењето на реформата на германскиот пензиски систем. Некои политичари од конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ ја обвинија дека не ги спроведува промените – кои се дел од поширока програма за економски и социјални реформи – доволно брзо.

Начинот на кој беа упатени критиките предизвика реакција кај нејзиниот сопартиец, вицеканцеларот и министер за финансии Ларс Клингбајл.

„Нападите врз неа за време на последните денови на жалост беа несоодветни. Тоа е неприфатливо“, изјави Клингбајл. Поради ситуацијата, тој ја откажа и планираната официјална посета на Индија.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц реагираше со помирувачки тон, наведувајќи дека одлуката на Бербел Бас заслужува почит. На социјалната мрежа „Икс“ (X), тој ѝ се заблагодари за нејзината посветена работа и придонес кон владата. Сепак, нејзиното заминување доаѓа во особено чувствителен момент за германската владејачка коалиција.

Конзервативците на Мерц се залагаат за дерегулација на пазарот на трудот и за мерки наменети за поттикнување на економскиот раст, додека СПД (Социјалдемократската партија) се стреми да ги заштити правата на работниците и постоечките социјални бенефиции.

Истовремено, германската економија е под притисок поради високите цени на енергенсите и силната конкуренција од Кина.

Политичките тешкотии дополнително се влошуваат поради слабите резултати на владејачките партии. Според анкетите цитирани од Ројтерс, крајно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) моментално ужива поголема поддршка од конзервативниот блок на Мерц. Владејачката коалиција исто така се соочи со незадоволство по минатомесечните регионални избори, на кои партиите од крајната десница и крајната левица постигнаа значителен напредок.

Следната година, Германија ја очекуваат уште пет регионални избори, чии резултати ќе влијаат врз односот на силите во Бундесратот, горниот дом на германскиот парламент. Редовните сојузни парламентарни избори се закажани за 2029 година.

ИЗДВОЕНИ