Случајот што го објави МВР за нелегална продажба на бебе, не само што е идентичен во шемата за посредување – сиромашна мајка, брачен пар што посакува дете, и двајца посредници, со случај од минатата година туку и во двете соопштенија на полицијата, тогаш од март 2025 година и сега, се повторуваат иницијали Ф. А. и Ѓ. К. од кои првите иницијали се на згрижувачка на деца без родители.
Имено, новата кривична пријава опфаќа шестмина осомничени – Ф. А. (63), Ѓ. К. (57), И. Ш. (35), Џ. Ш. (35), сите од Скопје, како и против С. Ј. (35) од Куманово и И. А. (38) од Тетово. Според полицијата, жените, од кои едната била згрижувачка на деца, барале брачни парови и идни мајки кои за пари би се откажале од родителските права. Па така, Ф. А. и Ѓ. К., во текот на 2024 и 2025 година, организирале и реализирале шема за незаконско посвојување на новородено бебе, со цел заобиколување на законската процедура за посвојување предвидена со Законот за семејство. Ф. А., како што се наведува, ја искористила својата положба на згрижувачка на деца за да воспоставува контакти со заинтересирани брачни парови. Паралелно, Ѓ. К., по претходен договор со неа, пронашла бремени жени во тешка материјална и социјална состојба и ги убедувала да се откажат од своите новороденчиња во замена за паричен надомест и други бенефиции.
Од МВР соопштуваат дека С. Ј. и нејзиниот невенчан сопруг И. А. биле убедени да го дадат своето новородено бебе во замена за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи. По излегувањето од болница, С. Ј. и бебето биле преземени од Ф. А. и однесени во нејзиниот дом. Таму веќе ги чекале И. Ш. и Џ. Ш., кои во улога на „посвоители“ го презеле новороденчето и го однеле во својот дом.
Потоа, на 17 октомври 2025 година, бил склучен договор за заем од 500 евра меѓу Џ. Ш. како заемодавач и И. А. како заемопримач. Истата сума, според МВР, му била исплатена на невенчаниот сопруг И. А. како надомест за предавањето на бебето.
На сите осомничени минатата недела им била определена мерка домашен притвор, велат од Кривичниот суд
– До судија на претходна постапка, од страна на надлежниот јавен обвинител, е предложена мерка куќен притвор, а судијата на претходна постапка согласно со Законските одредби не може да даде построга мерка од предложената, објаснуваат од судот.
Од МТСП за весникот ВЕЧЕР велат дека за таков случај постапувале во февруари/март минатата година и оти имал судска завршница.
„Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во февруари/март 2025 година, за лице со иницијали Ф. А од Скопје, заведено како згрижувачка, во согласност со законските прописи ги спроведе сите постапки во интерес на децата. Спроведен е инспекциски надзор, на лицето му престанува статусот на згрижувачко семејство, а децата кои биле згрижени во тоа семејство се згрижени во други згрижувачки семејства, исто така, бебето што било жртва на трговија со луѓе е згрижено. Преземените дејства се резултат на координирани меѓусекторски постапки од надлежни државни органи.
И во тој случај, исто така за „трговија со дете“, каде што се појавуваат иницијалите Ф. А. и Ѓ. К., заедно со други лица, шемата за продажба на бебе речиси идентично се повторува – посредување при незаконско посвојување новороденче преку користење на тешката социјална и финансиска состојба на бремена жена. Во прилог на ова е пријавата од март минатата година, каде што се повторуваат иницијалите Ф. А. и Ѓ. К.
„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, поднесе кривична пријава против А. М. (44), А. М. (35), Ф. А. (61) и Ѓ. К. (55), сите од Скопје, и против М. М.(41) од Куманово ,поради постоење основи за сторено кривично дело „трговија со дете“. Во текот на 2024 година, пријавените А. М., А. М., Ф. А. и Ѓ. К., користејќи ја финансиска состојба на пријавената М. М., која била бремена, ја измамиле така што ѝ обезбедиле финансиска помош во висина од 250 до 270 евра. Освен тоа, тие ѝ обезбедиле и бесплатни лекарски прегледи за незаконско посвојување на нејзиното новородено бебе – соопшти МВР на 4 март 2025.
На 18.02.2025, откако М. М. родила женско бебе, со нотарска изјава му дала старателството на А. М., дека бебето го остава доброволно на чување, воспитување и издржување. За тоа ѝ била исплатена сума од 4.000 евра.
Двата случаи отвораат прашање дали станува збор за повторување на делото и дали е можно лица кои веќе биле предмет на истрага повторно да се појавуваат во речиси идентична кривична конструкција?
Згрижувачите на деца, според правилникот од МТСП, се подложени на претходна проверка од социјалните служби, која опфаќа и увид во криминално минато, семејни услови и психосоцијална процена. Случајот што го открила полицијата го поставува прашањето за тоа колку системот навистина може да спречи злоупотреби, кога луѓе што се згрижувачи се појавуваат во истраги за трговија со деца и незаконски посвојувања. (П. А.)












