Македонската кошаркарска репрезентација в четврток во 18:00 часот го игра првиот домашен натпревар во вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот 2029. По убедливата победа над Австрија на гостински терен, избраниците на Жозеп Марија Берокал ќе ги одмерат силите со Кипар, во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.
Пред дуелот, Виктор Ефремовски ги сподели очекувањата и порача дека Македонија има квалитет да продолжи со победите, особено сега, кога е и Ненад Димитријевиќ во составот.
- Добро стартувавме, победивме со Австрија на гостински терен и мислам дека ќе ја продолжиме оваа победничка серија. Сега тука е и Нено Димитријевиќ, имаме поголем играчки ростер – вели Ефремовски.
Македонскиот бек упати и повик до навивачите да ја исполнат салата и да бидат дополнителна поддршка за националниот тим.
- Тие се нашиот шести играч и може да ни помогнат. Не очекувам ништо друго, освен победа – порача репрезентативецот.
Ефремовски најави дека стручниот штаб дополнително ќе го анализира противникот, но верува дека Македонија има сили да стигне до нов триумф и да го задржи одличниот почеток на квалификацискиот циклус.











