Турската милионерка Небахат Исбилен сведочеше пред Високиот суд во Лондон дека била измамена во врска со уплата од 750.000 фунти – речиси 900.000 евра – што ја извршила во 2019 година на тогашниот војвода од Јорк, Ендру Маунтбатен-Виндзор.
Исбилен тврди дека нејзиниот поранешен деловен советник, Селман Турк, проневерил околу 45 милиони евра од нејзиниот имот – вклучително и средствата исплатени на Маунтбатен-Виндзор, за кои таа верувала дека се наменети како помош за добивање пасош, пренесе Би-Би-Си.
Турк ги негираше обвинувањата, наведувајќи дека Исбилен била свесна оти парите се уплаќаат со надеж дека Маунтбатен-Виндзор ќе му помогне на нејзиниот сопруг, поранешен турски пратеник кој моментално се наоѓа во затвор.
Маунтбатен-Виндзор ги вратил 900.000 евра и се очекува да сведочи пред судот во декември оваа година.
Тој не е обвинет за никакво незаконско дејствие.
Во понеделникот, адвокатите на Исбилен изјавија дека Турк исто така насочил уплата од околу 18.000 евра кон Сара Фергусон, поранешната сопруга на Маунтбатен-Виндзор – наводно за прославата на нејзиниот 60-ти роденден во 2019 година – како и неодредена сума како „свадбен подарок“ за нивната ќерка, принцезата Беатрис. Исбилен, чие семејство основало голема компанија за производство на сапун и козметика во Турција, се обидела да го префрли својот имот надвор од земјата откако нејзиниот сопруг Илхан – поранешен турски пратеник – бил уапсен во 2015 година.
Нејзините адвокати тврдат дека обвиненијата против него биле политички мотивирани и дека таа самата била изложена на политички прогон.
Таа ја напуштила Турција и заминала во Грција во 2017 година, а една година подоцна се преселила во Лондон.
Нејзиниот адвокат, Сајмон Колтон, изјави дека Исбилен го запознала Турк во јануари 2017 година и му ја доверила контролата врз поголемиот дел од нејзините финансиски средства. Според него, Турк ја злоупотребил нејзината доверба и префрлил средства на компании што тој ги поседувал или контролирал.
Исбилен одобрила плаќање кон Маунтбатен-Виндзор, но – како што тврди нејзиниот адвокат – Турк ја довел во заблуда во однос на целта на плаќањето.
Пред судот беше изнесено дека во декември 2019 година, Исбилен присуствувала на приватна вечера со тогашните војвода и војвотка од Јорк во станот на Турк, при што разговарала за случајот на нејзиниот сопруг.
Адвокатите на Турк тврдат дека Исбилен била упатена во своите работи и самостојно управувала со нив. Нејзиниот застапник, Џошуа Хиченс, изјави дека, со оглед на тоа што таа вечерала со војводата и војвотката и разговарала за својот сопруг, не би можела да верува дека плаќањето претставува прикриен надомест за помош околу пасош или виза.
Се очекува судењето, со кое претседава судијата Адам Џонсон, да заврши во март, а писмената пресуда ќе биде донесена дополнително.












