вторник, ноември 24, 2026
Дома СВЕТ „Билд“: Германија транспортирала тенкови во Литванија со воз за да не го...

„Билд“: Германија транспортирала тенкови во Литванија со воз за да не го провоцира Путин

0

Германија ја превезе воената опрема наменета за воените вежби „Гранд игл 26“ (Grand Eagle 26) во Литванија преку железница – наместо тенковите и другите возила да се движат по копнен пат низ Полска – за да избегне провоцирање на рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска за „Билд“ еден неименуван извор.

Според изворот на кој се повикува весникот со седиште во Берлин, германските вооружени сили процениле дека снимки од германски тенкови кои се движат кон балтичките земји, во близина на границата со Белорусија, би послужиле како пропаганден материјал за Москва.

Од германското Министерство за одбрана наведоа дека промената на начинот на транспорт не е невообичаена и дека е важно да се вежбаат различни методи за преместување на воена опрема, со цел да се осигури дека тие остануваат изводливи опции во случај на реална закана. Воените вежби „Гранд игл 26“ се одржуваат од 6 ноември до 3 декември.

Германија планира до крајот на 2027 година во Литванија да распореди оклопна бригада, составена од околу 5.000 војници и 2.000 единици воена опрема, вклучително и десетици тенкови.

Берлин значително ги зголеми своите трошоци за одбрана откако Русија го започна нападот врз Украина во февруари 2022 година, издвојувајќи стотици милијарди евра за таа намена, пренесува весникот.

ИЗДВОЕНИ