понеделник, ноември 9, 2026
Дома СВЕТ Норвешка планира да го ограничи бројот на податочни центри поврзани со ВИ

Норвешка планира да го ограничи бројот на податочни центри поврзани со ВИ

0

Норвешката влада денеска објави дека планира да го ограничи брзиот раст на енергетски интензивните податочни центри – тренд поттикнат од глобалниот подем на вештачката интелигенција – придружувајќи им се на другите земји кои исто така се обидуваат да го ограничат ваквото ширење.

Иако Норвешка произведува повеќе електрична енергија отколку што троши и останува нето-извозник, неодамнешните проекции покажуваат дека побарувачката генерирана од овие нови податочни центри би можела да доведе до енергетски дефицит и зголемување на цените на електричната енергија во наредните години, објави британската новинска агенција „Ројтерс“.

Брзиот раст на податочните центри наидува на отпор во многу земји, при што критичарите укажуваат дека овој сектор отвора мал број работни места, а истовремено ги зголемува трошоците за електрична енергија.

„Statnett“, операторот на норвешката национална електроенергетска мрежа, привремено ги суспендираше резервациите за приклучување на мрежата за нови податочни центри, сè додека не се воспостави владин систем за издавање дозволи.

„Целта е подобро да се контролира растот на податочните центри и да се осигураме дека ги имаме само оние што навистина ни се потребни“, изјави на прес-конференција Торгеир Микаелсен, министер за дигитализација и јавна администрација.

Министерот објасни дека овој систем за издавање дозволи ќе им даде приоритет на податочните центри што поддржуваат одбрана, органи за спроведување на законот, подготвеност за итни случаи, здравствени услуги и друга критична инфраструктура, како што се мобилните мрежи и финансискиот систем. Сепак, тој додаде дека доколку Норвешка сака да ги задоволи своите домашни потреби во областа на вештачката интелигенција, ќе мора да го ограничи пристапот до земјиште и електрична енергија за глобалните компании за „облачни“ услуги (cloud computing), како и за фирмите специјализирани за криптовалути.

Министерот за енергетика, Терје Асланд, изјави дека од почетокот на годината, „Statnett“ примил барања за приклучување на нови капацитети во вкупен износ од 26.000 мегавати – количина што го надминува моменталниот вкупен капацитет на Норвешка – при што податочните центри сочинуваат 75 отсто од овие барања.

Владата исто така најави дека од новите податочни центри ќе се бара да ги покријат трошоците што ги наметнуваат врз електроенергетската мрежа; дополнително, од нив може да се бара да изградат електрани на гас, опремени со системи за зафаќање јаглерод, со цел сами да ја произведуваат потребната електрична енергија, пренесува „Бета“.

ИЗДВОЕНИ