понеделник, ноември 9, 2026
Дома СВЕТ Од Кремљ децидни: Претставници од Европа нема да бидат присутни на разговорите...

Од Кремљ децидни: Претставници од Европа нема да бидат присутни на разговорите за Украина, но ЕУ и НАТО веќе најавија свое доаѓање во Абу Даби

0
EPA/PAVEL BEDNYAKOV / AP POOL
Претставници на ЕУ и НАТО ќе присуствуваат на разговорите за Украина во Абу Даби, закажани за 10 и 11 ноември, изјавија извори за украинскиот јавен сервис „Суспільне“ (Suspilne).
 
Извори од украинската делегација наведоа дека ЕУ ќе биде претставена на разговорите во Абу Даби – чија цел е ставање крај на војната во Украина – преку заедничка делегација од Европската комисија и Европскиот совет, а присутни ќе бидат и претставници од НАТО и Германија.
 
Еден од изворите напомена дека точниот формат на учество на Европејците во разговорите во Абу Даби останува нејасен.
 
Германската влада соопшти дека земјата ќе биде претставена од Гунтер Заутер, советник на канцеларот за надворешна и безбедносна политика.
 
Претставник на НАТО изјави дека Алијансата во Абу Даби ќе биде претставена од Џефри ван Левен, шеф на кабинетот на генералниот секретар на НАТО.
 
Портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо, изјави дека Комисијата ќе биде претставена на ниво на советник за национална безбедност – конкретно од Бјорн Зајберт, шеф на кабинетот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
 
„Таму сме токму за да го претставиме ставот на ЕУ за заштита на нејзините интереси за време на преговорите, кои очигледно влијаат на нашата безбедност“, изјави Пињо. Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека разговорите во Абу Даби биле планирани без учество на Европејците.
 
На 2 ноември, специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, објави дека трилатералните разговори меѓу Украина, САД и Русија – на ниво на работни групи – се закажани за 10 и 11 ноември во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати.
 
На 6 ноември, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека пред одржувањето на средбата е неопходно да се работи на безбедносните гаранции. Кремљ соопшти дека руската делегација на разговорите ќе ја предводи Владимир Медински, соработник на рускиот претседател.
 
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, во неделата објави дека Франција ќе учествува на разговорите во Абу Даби, чија цел е ставање крај на војната во Украина.
 
Фон дер Лајен, исто така, најави дека ЕУ, заедно со своите партнери, ќе биде присутна на разговорите во Абу Даби.

ИЗДВОЕНИ