Ландо Норис приреди уште една фантастична трка и триумфираше на Големата награда на Саун Пауло, оставајќи го зад себе Макс Верстапен, на драматична трка исполнета со пресврти и со грешки. Британецот од Мекларен ја искористи шансата во тешките временски услови и стигна до својата прва победа по августовскиот триумф во Холандија.
На подиумот му се придружија Верстапен и неговиот тимски колега, Исак Хаџар, додека возачите на Мерцедес, Џорџ Расел и Кими Антонели, мораа да се задоволат со четвртото и со петтото место.
Токму тандемот на Мерцедес беше во центарот на вниманието поради неколкуте големи грешки. Антонели, кој стартуваше одлично и го презеде водството, ја загуби контролата над болидот во првата кривина, со што му овозможи на Норис да избие на чело. Расел, пак, се заврте при излегувањето од боксот и загуби меѓу 15 и 20 секунди, пропуштајќи ја можноста да се бори за подиумот.
За разлика од нив, Верстапен повторно покажа зошто важи за еден од најдобрите возачи во Формула 1. Иако стартуваше дури од 21. позиција, тој успеа да се пробие до второто место со спектакуларно возење на патеката „Интерлагос“.
Во меѓувреме, Мерцедес имаше и огромна причина за славење. Германскиот тим математички ја обезбеди шампионската титула кај конструкторите, деветта во неговата историја и прва од 2014 година, со предност од 630 поени пред Ферари на три трки до крајот на сезоната.
Трката во Бразил уште еднаш покажа дека во Формула 1 ниту пол-позицијата ниту фаворитската улога не гарантираат успех, особено кога се менуваат временските услови од круг во круг.











