
Јирген Клоп би можел да ја напушти својата позиција како „шеф на глобалниот фудбал“ во системот на Ред Бул, на која е нешто повеќе од една година, објавува „Салцбургер Нахрихтен“. Неговата задача беше да ги води клубовите како Лајпциг, Брагантино и Њујорк кон врвот на светскиот фудбал, но бидејќи спортските резултати сè уште не се на посакуваното ниво, се тврди дека може да дојде до предвремено раскинување на соработката.
„Салцбургер Нахрихтен“ наведува дека австрискиот концерн нема да му предизвика никакви проблеми на Клоп доколку сака да се врати на тренерската работа на лето. Според истиот извор, неговиот наследник е веќе избран. Тоа би можел да биде Оливер Гласнер (51), поранешниот тренер на Ајнтрахт Франкфурт и актуелен менаџер на англискиот премиерлигаш Кристал Палас. Австриецот наводно е подготвен да ја преземе улогата на Клоп, а веќе има искуство во работата во системот бидејќи беше спортски координатор и помошник тренер во РБ Салцбург.
Факт е дека Клоп му посвети на Ред Бул поголемо медиумско внимание во својата прва година отколку што компанијата некогаш имала во светот на фудбалот. Но, исто така е факт дека никој не може да биде задоволен од спортските резултати, особено во РБ Лајпциг, кој моментално е само петти во Бундеслигата и повторно се бори за место во Лигата на шампионите.
Можноста Клоп предвреме да го раскине договорот, кој важи до 2029 година, постоеше од самиот почеток. Ред Бул негира дека веднаш ќе се случи разделба, но доколку двете страни одлучат да ја сменат насоката, тогаш Клоп дефинитивно ќе се врати во тренерските води.
Германскиот стручњак со недели се споменува како голема желба на претседателот на Реал (М), Флорентино Перез, а во зависност од резултатите за време на Светско првенство, тој би можел да стане и кандидат за селектор на германската репрезентација.











