вторник, ноември 10, 2026
Дома СВЕТ „Нешто се менува, Русите и Украинците покажуваат подготвеност за компромис“, вели американски...

„Нешто се менува, Русите и Украинците покажуваат подготвеност за компромис“, вели американски претставник

0
Фото: ВИ

Во неформални разговори, Русија и Украина покажуваат одредена подготвеност за компромис околу територијалните прашања, пред почетокот на новата рунда мировни преговори што започнува во вторник во Абу Даби. Претставник на САД, запознаен со подготовките за средбата, тврди дека Вашингтон, за првпат, забележува искрена желба кај Москва да стави крај на војната.

„За првпат имам чувство дека гледаме вистинска желба од руска страна сето ова да се заврши“, изјавил претставникот пред новинарите под услов да остане анонимен, пишува Ројтерс.

Според претставникот, двете страни покажуваат одредена флексибилност во приватните разговори во врска со можна размена на територии. Сепак, тој предупреди дека најтешкото прашање веројатно ќе биде разгледано дури во завршната фаза од преговорите, откако ќе се постигнат договори за другите елементи од евентуалниот договор.

Територијалниот спор е една од главните причини зошто досега не е постигнат мировен договор. Украина инсистира на зачувување на своите меѓународно признаени граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара Москва да преземе контрола врз целиот регион Донбас.

Претставникот на САД не прецизираше какви територијални отстапки би можеле да разгледуваат двете страни. Неговите изјави не значат дека договорот е веќе постигнат, ниту пак дека Москва и Киев официјално се откажале од своите претходни барања.

Вашингтон смета дека преговорите првично треба да се фокусираат на постигнување договор за безбедносните аранжмани на Украина по војната. Дури потоа би се отворил простор за решавање на територијалните прашања.

Се разгледуваат безбедносни гаранции по моделот на НАТО

Една од клучните теми на разговор ќе бидат безбедносните гаранции за Украина. Меѓу можните решенија се споменува модел сличен на членот 5 од Северноатлантскиот договор – според кој вооружен напад врз една земја-членка на НАТО се смета за напад врз сите членки.

Целта на ваквиот аранжман би била да ѝ обезбеди заштита на Украина по евентуалниот мировен договор. Сепак, останува нејасно како точно би функционирал тој, или кои држави би се обврзале да учествуваат во одбраната на Украина. Американски претставник нагласи дека договорот за повоена безбедносна рамка ќе биде клучен за постигнување напредок во преговорите што се однесуваат на територијата.

Американската делегација во Абу Даби ќе ја предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Се очекува преговорите да траат два дена, а ќе започнат во вторник.

Американскиот претставник не ја исклучи можноста Виткоф и Кушнер по средбата да отпатуваат во Русија за да разговараат со Путин, иако таква посета засега не е потврдена.

Во Вашингтон постои претпазлив оптимизам дека оваа нова рунда разговори би можела да доведе до пробив; сепак, американската страна признава дека за постигнување конечен договор ќе биде потребно време.

Во последните месеци, Трамп ги интензивира дипломатските напори за ставање крај на војната, притоа често укажувајќи на огромните човечки загуби што ги претрпеа Русија и Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

ИЗДВОЕНИ