Научниците предупредуваат дека оваа година е забележан феномен без преседан во современите метеоролошки записи, но, сепак, сè уште е прерано да се дадат сигурни прогнози за тоа каква зима нè очекува, пренесува „Еуроњус“.
Според моменталните проценки, студените бранови би можеле да зафатат делови од Европа, Северна Америка и Азија. Во Европа, особено изложени би можеле да бидат северните и централните региони – вклучувајќи ја Скандинавија, како и делови од Британија, Германија и Полска.
Поларниот вртлог вообичаено зајакнува во текот на есента, достигнувајќи го својот врв околу јануари, по што постепено слабее кон крајот на зимата. Значителни нарушувања, кои овозможуваат арктичкиот воздух да продре длабоко кон југ, најчесто се случуваат во периодот помеѓу јануари и март.
Сепак, оваа година првите знаци на нарушување беа забележани уште во ноември – појава што нема преседан во современите метеоролошки записи. Професорот Ендрју Чарлтон-Перез, метеоролог од Универзитетот во Рединг, во коментар објавен од универзитетот истакна дека научниците досега никогаш немаат забележано толку рано и нагло затоплување на стратосферата, пренесува Euronews. Поларниот вртлог претставува огромна област со низок притисок и исклучително студен воздух што кружи високо над Арктикот. Кога тој ќе ослабне или ќе ја промени својата положба, може да дојде до нарушување на млазните струи, овозможувајќи му на студениот арктички воздух да се придвижи кон пониските географски широчини.
Сепак, последиците од ваквото нарушување можеби нема да се почувствуваат веднаш. Може да поминат неколку недели додека промените во стратосферата не се пренесат до пониските слоеви на атмосферата, каде што имаат подиректно влијание врз временските услови. Конечниот ефект ќе зависи и од конкретната конфигурација на системите со висок и низок притисок.
Научниците, исто така, го испитуваат потенцијалното влијание на силниот феномен Ел Нињо, кој се развива во Тихиот Океан. Овој климатски феномен може да ја измени атмосферската циркулација и да придонесе за нарушувања на поларниот вртлог. Обединетите нации неодамна предупредија дека овогодинешниот Ел Нињо би можел да биде еден од најсилните некогаш забележани. Климатските промени исто така се наведуваат како можен фактор, бидејќи влијаат врз одредени атмосферски процеси. Сепак, сè уште не е утврдена директна врска помеѓу климатските промени и ова исклучително рано нарушување на поларниот вртлог.
Метеоролозите ќе продолжат да ја следат состојбата; претстојните недели треба да покажат дали ова нарушување навистина ќе влијае врз зимските временски обрасци и ќе доведе до значителни продори на студ низ целата северна хемисфера.












