Вработени во Националниот парк „Шар Планина“ за време на теренска обиколка имале несекојдневна средба со две мали срниња, кои накратко се доближиле до нив пред повторно да се вратат во шумата.
Од паркот информираат дека станува збор за многу млади срни, најверојатно стари само неколку недели, што може да се забележи по нивните карактеристични бели дамки на крзното. Според стручните служби, иако ваквите младенчиња понекогаш изгледаат како да се напуштени, во најголем број случаи нивната мајка се наоѓа во непосредна близина и периодично се враќа за да ги нахрани и заштити.
При проверката било утврдено дека срнињата се во добра здравствена состојба, без видливи повреди или знаци на дехидрација, поради што биле оставени во нивното природно живеалиште за повторно да се сретнат со мајката.„Најголемата помош што можеме да им ја дадеме е да им обезбедиме мир и да ѝ дозволиме на природата да го следи својот тек“, порачуваат од НП „Шар Планина“.
Оваа средба уште еднаш потсетува на богатството на дивиот свет на Шар Планина, која претставува дом на бројни животински видови и природни приказни.












