Премиерот Христијан Мицкоски најави нов бизнис-модел за државната компанија ЕСМ, со кој треба да се зголеми домашното производство на електрична енергија во услови на продлабочување на енергетската криза.
Планот предвидува обезбедување јаглен од Косово за работа на сите три блока на РЕК „Битола“. За транспортот се разгледува отворање посебен граничен премин, со ангажман на Армијата и Царината. Според процените, дневно би поминувале околу 200 камиони со повеќе од 6.000 тони јаглен.
Целта е да се обезбеди стабилно производство во РЕК „Битола“, но и во РЕК „Осломеј“. Тендерот за избор на компанијата што ќе ги врши ископот и транспортот на јагленот треба да заврши до крајот на месецов.
Вториот дел од планот предвидува повторно ставање во функција на ТЕЦ „Неготино“, со транспорт на мазут од Солун. Според пресметките на Мицкоски, со рестартирањето, ЕСМ би произведувала струја по цена под 200 евра за мегават-час, што е речиси двојно пониско од актуелните берзански цени од 350 до 400 евра.
Мицкоски предупреди дека претстои тежок период за енергетиката, посочувајќи ги намалените резерви на гас во Европа и растот на цените на енергентите, како и зголемената побарувачка за електрична енергија.












