Српскиот претседател, Александар Вучиќ, објави дека земјата ќе одржи избори во октомври или во ноември оваа година, но не прецизираше дали ќе бидат парламентарни или претседателски.
Тој нагласи дека ќе открие повеќе детали на митингот на Српската напредна партија (СНС) закажан за 27 јуни, во Белград. Потоа, како што изјави, треба да се знае дали ќе се кандидира за функцијата премиер на Србија, што претходно, во неколку наврати, го предложија функционерите на СНС.
Иако дел од опозицијата и студентите што организираат блокади, каков што беше последниот студентски протест изминатава сабота во Нови Сад, долго време инсистираат за распишување предвремени парламентарни избори, Вучиќ сè уште го крие точниот датум. Неговиот официјален став останува дека ќе се одржат изборите до крајот на годинава, поточно помеѓу септември и ноември, и дека конечната одлука за ова ќе ја донесе „надлежната институција“, објавува Н1 Србија.
Српскиот претседател ја искористи можноста да ги покани граѓаните на претстојниот митинг на СНС во Белград, нагласувајќи дека сака да ги чуе нивните гласови и дека овој настан не е насочен против никого, туку е организиран „за Србија“. Во таа пригода, тој ги повика своите поддржувачи да се борат за нова победа.
Од друга страна, тој се осврна и на најавениот студентски протест што треба да се одржи на 28 јуни, во Краљево, нарекувајќи го „уште еден бесмислен собир“, но додаде дека и тој е составен дел од демократскиот процес.












