недела, јуни 14, 2026
Дома СКОПСКА Недостигаат возила, таксиметрите се диво штелувани, а се вози и без лиценци

Недостигаат возила, таксиметрите се диво штелувани, а се вози и без лиценци

Претседателот на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски, нагласува дека таксистите се крајно револтирани и се подготвуваат за протест деновиве, бидејќи нерешавањето на наталожените проблеми, како што наведува, директно влијае врз работата на автотакси- превозниците, безбедноста на патниците, нереалната наплата на такси-услугите... Притоа, Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје бара од Владата итно да се воспостават ред, јасни критериуми, засилени контроли од инспекциите и сериозен дијалог со претставниците на такси-дејноста, со цел Скопје конечно, по осум години, повторно да добие организиран, безбеден и достоинствен автотакси-превоз.

89

Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје укажува на бројните наталожени проблеми во такси-превозот последниве девет години и апелира надлежните, конечно, да ги решат.

Велат дека граѓаните се жалат оти недостигаат такси-возила во Скопје, оти таксиметрите се диво штелувани и притоа ги крадат патниците. Воедно, потенцираат и дека имаат непријавени вработени такси-возачи, диви такси-возила без лиценца, а, од друга страна, како што велат, Градот почнува да не издава и да не ги продолжува лиценците на возилата постари од 2011 година, без никаква официјална најава, ниту, пак, се дава разумен рок како секаде за да може да се приспособат таксистите.

– Ова значи дека стотици возила нема да работат. Секаде во Европа условите се врзуваат за еколошките стандарди еуро 4, а во високоразвиените неколку европски земји – еуро 5 , па сега веќе и еуро 6. Самите баравме да се исфрлат еуро 1, 2 и 3 и да се даде една година рок за приспособување. Начинот на кој се постапува сега не е добар. Сите таксисти знаат зошто се прави ова, да има доволно возачи на улица за да мора да „рентаат“ коли од три фирми – вели Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје.

Тој нагласува дека таксистите се крајно револтирани и се подготвуваат за протест деновиве, бидејќи нерешавањето на наталожените проблеми, како што наведува, директно влијае врз работата на авто-такси превозниците, безбедноста на патниците, нереалната наплата на такси-услугите…

Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје бара од Владата итно да се воспостават ред, јасни критериуми, засилени контроли од инспекциите и сериозен дијалог со претставниците на такси-дејноста, со цел Скопје конечно, по осум години, повторно да добие организиран, безбеден и достоинствен автотакси-превоз. Исто така, бара координација помеѓу институциите за, конечно, да се решат наталожените проблеми во автотакси-дејноста. Од Министерството за транспорт, пак, бараат измена и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, односно да има вработено, во работен однос, возачи во зависност од бројот на моторните возила, минимум еден возач на моторно возило што ги исполнува условите пропишани со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата. Воедно, во Законот да им се дадат поголеми овластувања на сообраќајните инспектори од Град Скопје, да можат да контролираат на терен и дали е вработен автотакси-возачот, дали е уредно штелуван таксиметарот, со пломба и сертификат итн. Покрај тоа, се бара и засилена контрола од Државниот пазарен инспекторат на таксиметрите, како и теренски проверки со асистенција на МВР за спречување на нелојалната конкуренција.

Управата за јавни приходи, според нив, треба да изврши контрола врз работењето на такси-компаниите, особено во делот на пријавените возачи и фискалните извештаи, со цел да се спречат злоупотреби и непријавена работа.

Групацијата повторно реагира и за ограничувањето за возилата постари од 15 години, оценувајќи дека ваквата мерка е неправедна и треба да се заснова на еколошките стандарди, а не на староста на возилото.

Според нив, подобро одржуваното постаро возило може да има помали емисии од поновото, но запуштено возило, па затоа инсистираат фокусот да биде ставен на евростандардите.

Барањата се доставени до Владата и до надлежните институции, со цел, како што наведуваат, воспоставување фер услови и стабилизирање на такси-дејноста во Скопје.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ