Потребни се дополнителни вработувања во домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово за да се зајакне институционалната грижа за корисниците.
Директорот на домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово, Александар Крстевски, вели дека приоритет за установата е обезбедувањето нови вработувања, пред сè на негуватели, медицински сестри и административен кадар.
– За краток временски период, веќе утврдивме каде има сериозни недостатоци. Се надеваме дека ќе бидат отстранети тие во наредните месец-два и корисниците ќе добијат поквалитетни услуги. Сепак, без нов персонал, не можеме да обезбедиме квалитетна грижа. Тоа е нашиот главен приоритет – изјави Крстевски.
Тој посочи дека според систематизацијата, Домот треба да има 80 вработени, а моментално располага со само 36, од кои седум се ангажирани преку Агенцијата за вработување.
Има недостиг и во администрацијата.
– Во администрацијата имаме само двајца вработени. Во институција од ваков обем немаме сметководител, правник, лице за човечки ресурси и социјален работник. Но, најмногу ни недостигаат негуватели и медицински сестри, кои во моментов работат со максимален ангажман за да функционира домот – рече Крстевски.
Тој објасни дека во ноќните смени, за околу 180 корисници често се грижат само една негувателка и една медицинска сестра, иако дел од корисниците се сместени на геријатриското одделение и имаат потреба од постојана помош, вклучително и при хранење и извршување на основните животни потреби. Крстевски им се заблагодари на вработените за нивниот ангажман, оценувајќи дека и покрај недостигот на кадар, успеваат да го одржат функционирањето на установата.
Тој информира дека веќе е известено надлежното министерство за состојбата и очекува поддршка за обезбедување нови вработувања. Во рамките на установата функционира и геријатриско одделение, каде што дел од корисниците имаат потреба од постојана помош при извршување на секојдневните активности. Со цел делумно да се ублажи недостигот од кадар, домот потпишал меморандуми за соработка со стручни училишта, преку кои ќе волонтираат ученици во установата, кои ќе се вклучат во активностите за подобрување на грижата за корисниците. Домот за стари лица во Куманово е меѓу поголемите установи од овој тип во државата и згрижува корисници од повеќе градови од земјава.












