четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НЕ СТИВНУВААТ БРАНУВАЊАТА ВО РЕДОВИТЕ НА КОАЛИЦИЈАТА „ВРЕДИ“: Ќе прави ли министерот...

НЕ СТИВНУВААТ БРАНУВАЊАТА ВО РЕДОВИТЕ НА КОАЛИЦИЈАТА „ВРЕДИ“: Ќе прави ли министерот Лимани нова партија за да остане во Владата?

Во изминатиов период имаше неофицијални најави дека Лимани би можел да формира самостојна политичка партија „LE – Европска лига“.

302

Нема да стои со скрстени раце, но неизвесно е по кој политички пат ќе тргне? Ваков е моменталниот статус на актуелниот министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, откако викендов се вжештија неговите релации со коалицијата „Вреди“, каде што е дел од партијата Беса. Појавувањето на Лимани на ифтарската вечера во Тирана, заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, предизвика остра реакција на коалицијата „Вреди“, на чија фејсбук-страница веднаш беше објавено дека тој „заминал“ кај Али Ахмети и од движењето Беса. Објаснување од Лимани побара и лидерот на Беса, Билал Касами, кој изјави дека објавената фотографија од состанокот не испраќа добра порака за министерот.

– Лимани мора да ја разјасни причината за состанокот, а се очекува прашањето да се дискутира во рамките на „Вреди“ – рече Касами.

Познато е дека актуелниот министер за социјална политика веќе подолго време има нарушени односи со лидерите на коалицијата „Вреди“, при што, во последно време, зачестија најавите дека се подготвува негова реконструкција која ја најавува премиерот Христијан Мицкоски. Лимани, на својот профил на „Фејсбук“, го даде објаснувањето за ифтарското дружење со Али Ахмети и Арбен Таравари, но од кое очигледно произлегува дека работите и односите во „Вреди“ веќе нема да бидат исти како порано.

Менување на главните протагонисти

Според него, тој бил поканет од албанскиот премиер Еди Рама на ифтарската софра која ги обединува духовите, а дека домаќинот е тој што го одредува редот на софрата и местата на гостите.

–На една трпеза на гостопримство не се оди за да се прават политички калкулации и да се наруши софрата, туку за да се почитуваат традицијата, гостопримството и заедничкиот човечки момент. Софрата не е место за поделби, туку за почит. Но. додека некои се обидуваат да создадат вештачки дилеми од една фотографија од ифтар, јас се соочувам со една друга реалност: отворен и исклучувачки обид против мене, токму од оние со кои заедно изградивме еден политички проект. Не е тајна дека во рамките на „Вреди“ се развива борба со „лакти“ за да се заменат, со анонимни фигури, главните протагонисти кои го реализираа проектот на обединување. Во такви околности, никој не може да очекува јас да стојам со скрстени раце. Затоа што јас сум човек кој има почит кон масата (софрата), а не човек на подрумите – нагласи министерот во својот одговор.

Ваквиот став на актуелниот министер го отвора прашањето што е тоа што може да се преземе во ситуација кога неговата положба во Владата станува неизвесна? Наспроти сè поочигледната подготвеноста на коалицијата „Вреди“ и на партијата Беса да се откажат од него, премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека е задоволен од неговата работа и дека тој е „додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади“.

–Јас сум мандатар на владата и јас ја правам владата. Ако некој го заборавил тоа, еве да ве потсетам – изјави тогаш премиерот Мицкоски.

Наредниот период, извесно, ќе покаже како ќе се „испеглаат“ различните ставови на првиот човек на македонската Влада и на лидерите на коалицијата „Вреди“, партнер во владиното мнозинство. Но, она што ќе биде главен проблем, се врзува за ставот на коалицијата дека им припаѓа министерскиот ресор за социјална политика. Во таква ситуација, премиерот Мицкоски ќе треба да реши како ќе се постави кон таквиот став.

Дел од владината коалиција надвор од „Вреди“?

Од друга страна, прашање е што може да се очекува во односите меѓу „интегративците“ на Али Ахмети и министерот Лимани, кој во изминативе години кон нив упатуваше тешки обвинувања за корупција и криминал. Но, заедничкото појавување отвора можност за некакво доближување кое би имало големи хипотеки. Оттаму, нема да биде изненадување доколку министерот Лимани тргне во проект за формирање на своја, нова, политичка партија. Политичките аналитичари  и го очекуваат тоа.

– Можеби односите на Лимани со Ахмети се релаксирани, но нема да ги видиме двајцата под еден политички покрив. Најверојатно, Лимани ќе формира свој политички субјект и ќе остане дел од владината коалиција надвор од „Вреди“ – наведува политичкиот аналитичар, Џелал Незири, во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Во изминатиов период имаше неофицијални најави дека Лимани би можел да формира самостојна политичка партија „LE – Европска лига“. Меѓутоа, тој го демантира ова со неодамнешна изјава дека „секој чекор ќе му се одвива во интерес на сите што им веруваат дека се борат за доброто на народот и на оваа земја“ и дека одлуката дали ќе остане во Беса и во „Вреди“ ќе ја донесе по состаноците кои се во тек. Истовремено, прашање е дали тој може да оствари и поголема соработка со актуелниот вицепремиер за добро владеење, Арбен Фетаи, кој, исто така, има нарушени односи со лидерите на коалицијата „Вреди“. Сепак, ваквите калкулации водат и кон прашањето каква, во таква ситуација, ќе биде распределбата на владините ресори меѓу ВМРО-ДПМНЕ И „Вреди“?  (Б. Ѓ.)

Нови пречки во процесот на обединувањето

Сериозни пречки и продлабочувањето на поделбите го отежнуваат тековниот процес на спојувањето на партиите во рамките на коалицијата „Вреди“, објави вчера весникот на албански јазик „Коха“. Според изворите на весникот, конкретен договор постои само меѓу Изет Меџити и Билал Касами, додека преговорите со Алтернативата и групата на Азир Алиу се далеку од конечно решение.

– Една од главните точки на конфликтот е поврзана со составот на тесното раководство на новата партија. Името, пратеникот Илир Демири, за кој се шпекулира и се споменува како кандидат за функцијата потпретседател, наидува на внатрешен отпор. Пратеничката Мимоза Муса предупреди дека доколку Демири биде назначен на оваа позиција, таа може да ја напушти пратеничката група на „Вреди“. Дури и во групата што се отцепи од вицепремиерот Арбен Фетаи, постојат ставови дека Муса треба да биде заменик-претседател на партијата – наведува весникот.

Се додава дека пратеникот Илир Демири наводно навестил дека доколку не биде назначен на ветената позиција заменик-претседател, може повторно да дејствува како независен пратеник и да не ја поддржува коалицијата „Вреди“.

ИЗДВОЕНИ