Вработените од НП „Шар Планина“ веќе неколку дена собираат отпад оставен од несовесни посетители на некои од најпосетуваните места во ова заштитено подрачје.
Од НП „Шар Планина“ велат дека соборањето отпад не е работа на чуварите на паркот, но состојбата на одредени локации била толку алармантна што морале да организираат акции за чистење.
– Основна задача на чуварите е заштита на природата, контрола на теренот, спречување незаконски активности, мониторинг и грижа за природните вредности на паркот – нагласуваат од НП „Шар Планина“.
Притоа, наведуваат дека Националниот парк опфаќа огромна планинска територија со шуми, пасишта, врвови, долини и со глацијални езера и не е реално да се очекува дека ќе има канта на секое место и дека ќе дојде некој по тие што фрлаат, да го собере отпадот.
– Во природните делови на паркот, намерно не поставуваме канти за отпад. Оставената храна и отпадот ги привлекуваат дивите животни, го менуваат нивното природно однесување и создаваат дополнителен проблем за екосистемот. Правилото во природата е едноставно: „Сè што сте можеле да го донесете полно на планината, може да го вратите празно со себе“. Спакувајте го својот отпад и однесете го до место каде што постои организиран систем за негово собирање. Планината нема комунална служба – упатуваат од НП „Шар Планина“.
Притоа, велат дека до нив постојано пристигнуваат информации за расфрлен отпад на места до кои не е лесно да се стигне – по бреговите на глацијалните езера, покрај планинарските засолништа што ги поставиле, околу изворите и чешмите со вода за пиење, како и во високопланинските предели. Затоа ги повикуваат планинарите, планинарските клубови, љубителите на природата и сите што ќе се движат низ повисоките и потешко пристапни делови на Шар Планина во следниот период, ако може, да си понесат една дополнителна ќеса и да помогнат да се собере дел од отпадот што несовесно го оставил некој друг зад себе.
– Ние сме мала институција со ограничен број луѓе и не можеме истовремено да стигнеме до секое езеро, засолниште, извор и планинска патека. Но, со помош на луѓето што вистински ја сакаат Шар Планина, можеме многу – порачуваат од НП „Шар Планина“.
На оние што го оставаат својот отпад во природата тие им порачуваат: „Отпадот што денес го оставате зад себе, веројатно, ќе ве чека на истото место и при вашето следно доаѓање. Планината не се чисти сама. Не оставајте ништо зад вас, освен траги од вашите чекори“.












