Европската кошарка би можела да добие огромно засилување откако поранешниот втор пик на НБА-драфтот, Џејмс Вајсман (25), сериозно размислува за трансфер во Макаби Тел Авив.

Високиот центар (211 сантиметри) некогаш важеше за еден од најголемите таленти во американската кошарка, но низата повреди целосно му ја стопираа кариерата.

Тој беше избран како втор пик на НБА-драфтот во 2020 година, од Голден стејт, каде што многумина очекуваа да стане нова, голема ѕвезда. Сепак, уште во дебитантската сезона почнаа проблемите со повредите, поради кои пропушти огромен број натпревари.

Подоцна беше разменет во Детроит, а потоа имаше и кратка епизода во Индијана, но повторно не успеа да се врати во посакуваната форма.

Во последните две години одигра само неколку натпревари, а сега, бидејќи нема конкретни НБА-понуди, сериозно ја разгледува можноста за преселба во Евролигата.

Макаби Тел Авив сака да го искористи моментот и да го доведе поранешниот суперталент како големо засилување за следната сезона.

Во Голден стејт се обидоа да го вратат во форма, но тој никогаш не успеа целосно да го покаже потенцијалот што го имаше.

Американецот неодамна емотивно проговори за најтешкиот период во кариерата.

  • Првпат кога се повредив, плачев толку многу што не можев ни да стигнам до станот на мајка ми. Бев целосно скршен. Имав ноќи кога само плачев и размислував дали некогаш повторно ќе бидам истиот – призна Вајсман.

Тој додаде дека повредата му влијаела не само спортски туку и психички, признавајќи дека минал низ многу тежок период.

Сега, Евролигата би можела да стане место каде што Џејмс Вајсман, конечно, ќе се обиде да ја продолжи кариерата.

ИЗДВОЕНИ