Светското првенство во Аргентина во 1978 година беше запаметено по еден од најконтроверзните натпревари во историјата на светскиот фудбал. Во втората групна фаза, домаќинот, Аргентина, го победи Перу со 6:0, со што го прескокна Бразил на табелата и обезбеди место во големото финале на Светското првенство. Ситуацијата беше специфична, бидејќи Аргентинците го играа својот натпревар по Бразил и точно знаеја каков резултат им биде потребен за да продолжат понатаму.
Претходно тој ден, Бразил ја победи Полска со 3:1, па на Аргентина ѝ беше потребна победа од најмалку четири гола за да стигне до финалето.
Наместо очекуваната неизвесност, следуваше вистинска „голеада“, нешто што никако не се очекуваше на натпревар од толку големо значење.
Перу, кое играше доста солидно во текот на целото првенство, претрпи тежок пораз од дури шест гола, што веднаш предизвика бројни реакции низ целиот свет.
Кратко по натпреварот, се појавија сомнежи дека не е сосема регуларен резултатот.
Со текот на годините и на децениите, се појавија разни теории според кои тогашната аргентинска воена хунта наводно вршела политички притисок врз перуанските власти или нудела одредени економски бенефиции со цел а го олесни патот на домаќинот до финалето.
Меѓу најчесто споменуваните обвинувања се приказните за финансиски заеми, испораки на жито и политички договори меѓу режимите на двете земји во тоа време.
Сепак, ниту едно од овие тврдења никогаш не доби конечна и недвосмислена потврда.
По победата над Перу, Аргентина стигна до финалето, каде што ја победи Холандија и ја освои својата прва титула светски шампион.
Од друга страна, Бразил го заврши турнирот непоразен, но без шанса да се бори за трофејот.
Поради оваа причина, натпреварот Аргентина – Перу, со резултат 6:0, останува една од најголемите мистерии во историјата на Светското првенство.
И речиси половина век подоцна, многу љубители на фудбалот сè уште веруваат дека овој натпревар крие приказна што никогаш не е целосно раскажана.











