Ако се суди според последните информации што пристигнуваат од Германија, тогаш репрезентативецот на Македонија, Елиф Елмас, сигурно, ќе има и повеќе од интересен летен преоден рок. Крилниот напаѓач е во сопственост на бундеслигашот РБ Лајпциг, но актуелната сезона ја одработува како позајмен играч во дресот на актуелниот шампион на Италија, тимот на Наполи. Тој се врати на стадионот „Диего Армандо Марадона“ во текот на последниот летен преоден рок откако не успеа да се наметне во Германија, иако РБ Лајпциг, во 2024 година, одвои околу 24 мил. евра за неговото обесштетување.
Пред да им биде позајмен на „азурите“, Македонецот, исто така, настапуваше како позајмен играч и во дресот на Торино, а, како што информира угледниот германски весник „Билд“, контроверзниот сопственик на Наполи, Аурелио де Лаурентин, не планира да го откупи неговиот договор за 16,5 мил. евра.
„Билд“ објави дека клаузулата за откуп на Елјиф Елмас има рок до средината на јуни и дека се мали шансите да биде одвоена таква парична сума за крилниот напаѓач.
Поранешниот фудбалер на Работнички и на Фенербахче доби поголема минутажа во актуелната сезона поради повредите на неколкумина првотимци, но клубот не смета дека вреди 16,5 милиони евра, особено по враќањето на клучните играчи како Били Гилмор, Кевин де Бруин и Станислав Лоботка, како и по ангажирањето две нови крилни засилувања.
Неколку италијански медиуми, пак, додаваат дека Наполи сака да го задржи Македонецот во своите редови, но понудата за неговото обесштетување нема да биде поголема од 10 мил. евра.
Кога е актуелната сезона во прашање, Елмас одигра вкупно 41 натпревар, постигна еден погодок и додаде 3 асистенции, а единствениот погодок го постигна на првенствениот дуел против екипата на Торино.
Тогаш, по натпреварот, предводникот на „азурите“, Антонио Конте, изјави дека треба да му се подигне споменик на македонскиот ас.
– За денешната партија, „свети“ Елмас заслужува споменик. Елиф многу го разбира фудбалот, го има насекаде на теренот, може да игра на повеќе позиции, игра како дефанзивен играч од средниот ред и како напаѓач. Тој е неверојатен фудбалер. Стартуваше на осумнаесет натпревари во низа, имаме среќа што е со нас – изјави трофејниот италијански стручњак тогаш.












